Дишам кога ти вдишуваш, заспивам кога ти ги затвараш очите, живеам кога ти се насмевнуаш. И?
Нема посилен момент од оној кога те сретнав за прв пат.
Сите те гледаа, чудно…Им ја чувствував жедта додека стоеше на ќошот од собата- да се напијат капка крв од твоето тело, да живеат вечно. Како им светеа очите само, како мршојади сакаа да ја корнат твојата душа и да ја расфрлаат за покасно, да уживаат кога никој не гледа. Те гледав без да знаеш. Продирав со погледот и во најскриените делови од тебе. Ти видов страв, оној кој никогаш не го покажуваш. Ти видов страст, онаа која ја сокриваш чекајќи право време, право место, вистински емоции…Ти видов исчекување.
И ме погледна…
Како во твојот поглед да имаше прашање- Од каде ти тука?
Збунето се насмевна…
А чекај, се познаваме ли јас и ти?…
Дишам кога ти вдишуваш, заспивам кога ти ги затвараш очите, живеам кога ти се насмевнуаш. И? Те познавам, толку добро што секоја твоја сокриена емоција не може да ја покрие бурата во тебе…
Гледај ги проклетиве, уште се вртат наоколу. Како тогаш, исто како кога сакав да те гушнам за да ми влезеш во душава, па да ти речам- Каде си ти до сега? Те чекам вечности!
Нема посилен момент од оној кога те сретнав за прв пат. Сакав да ти кажам- Проклето ми недостасуваше, и совршено добро изгледаш.
И преќутев…а ти знаеше, само ме погледна и се насмевна…
Автор: Маја Спасовска