Човекот е добар адвокат за своите грешки и добар судија за туѓите грешки
Во денешното современо општество мораме да си признаеме на себеси дека секој човек суди. Најчесто ги осудуваме другите околу нас. Нивните постапки, дејствувања, одлуки. Имено, судиме за другите без да си ги погледнеме своите постапки. Многупати се случува да искоментираме нешто за некого, да дофрлиме по некој грд збор, едноставно да осудиме некого во одредена ситуација.
Зошто се случува ова? Можеби затоа што е полесно да се обвинат другите луѓе и нивните ставови, а да се оправдуваат сопствените постапки. Најчесто знаеме со сите сили да се бориме за себе, да се браниме себеси со сите можни средства кои што ни се на располагање. Токму затоа секој од нас треба да си ги признава сопствените грешки, и да си ја прифаќа одговорноста за истите, а не само
да си ги прикриваме нашите пропусти. Потребно е да се соочиме со своите грешки, и да не се обидуваме топката секогаш да ја префрламе на некој друг. Не треба да ги оправдуваме сопствените грешки, туку да се раководиме според тоа дека „човечки е да се греши“. Сопствените грешки не треба да ни се причина за разочарување, туку да ни станат мотиви за лично себеподобрување. За сите наши грешки прво треба да се преиспитаме себеси, а потоа постапките на другите. Ако грешката е кај тебе прифатија, и обиди се да ја поправиш, без да ги обвинуваш другите.
Исто така никогаш не ги осудувај туѓите грешки, дури иако знаеш дека ти си во право. Бидејќи секој човек си е судија сам на себе. Бидете рационални, не се однесувајте неразумно. Затоа што секое неприфаќање и игнорирање на сопствената грешка е неуспех кон себеси. Грешките ни даваат лекции и искуства за да не ги повторуваме. Токму тоа значи дека од грешките се учи. Со непризнавање на
грешките, отфрламе конструктивна критика, која ни овозможува прекинување на лошите навики и наше самоподобрување.
Во ситуациите во кои ние самите грешиме, нашата инаетливост и неподготвеност да си ги признаеме грешките, се особини кои се припишуваат на нашите недостатоци и негативности. Оној кој што неуморно ги брани своите грешки, не наведува на неговата слабост за неприфаќање на реалноста. Односно во нашите очи добива статус на слабак (кон промени и неприфаќање на веќе направеното). А пак
нашите мозоци се дизајнирани на таков начин, да ја бранат сопствената слика за себе (најдобрата верзија за себеси), за жал дури и кога воопшто не сме во право.
Автор: психолог, Ангелина Василевска