Убави дестинации
Супер дестинација за сечиј џеб и за секое семејство
Доколку го планирате вашиот одмор за почетокот на септември имаме супер предлог. 🙂
Дестинацијата кој е наш денешен предлог е во близина и е одлично место за фамилијарен одмор, особено за семејства со мали деца. Овој септември, посетете го Ксамил во соседна Албанија.
Ако се запрашате зошто токму Ксамил, ви нудиме неколку причини:
- Местото се наоѓа на Јонско Море и ви нуди релаксиран одмор за големи и мали и уживање во убавината на морето.
- Тамошните жители се гостопримливи и љубезни. Ве дочекуваат и испраќаат со насмевка и убав збор.
- Секој бар или ресторан има своја малечка плажа, опремена со лежалки и чадори. Имате опција да се сончате на брегот или пак да уживате на терасите од локалите со ладно пиво и добра книга.
- Ксамил е екстра евтина дестинација во споредба со грчките места. Низ баровите и рестораните, цените се слични со оние од локалите низ нашата земја, а во маркетите цените на одредени производи се пониски и од кај нас.
- Музиката од локалите не е гласна и запира околу полноќ, што значи дека добро ќе се изнаспиете.
- Утрата се тивки и ќе имате можност да уживате во вксуот на вашето омилено кафе или пак да изедете топол и вкусен бурек.
- Има неколку локали со игротеки кои ќе понудат и забава за вашите најмили во часовите кога нема да сте на плажа.
- Можете да одите и до Трите Острови на Ксамил со бродовите кои се на брегот и да им понудите на вашите деца едно ново доживување.
- Доколку пак сакате да откривате, посетете го националниот парк Бутринт, кој е во непосредна близина на Ксамил и каде има археолошко наоѓалиште кое е заштитено од Унеско.
Ксамил е идеална летна дестинација за оние кои сакаат да се на море, нивните деца да се задоволни и среќни, а притоа да не го оштетат премногу домашниот буџет. Доколку кон Ксамил одите преку Ќафасан, потребни ви се само лични карти за вас и пасоши за децата, а доколку одите преку Грција потребни ви се пасоши за целото семејство.