Убави книги и филмови

Од книги никогаш доста?!

Од книги никогаш доста? Предлог три супер интересни книги кои ќе останат во вашето сеќавање уште долго, долго откако ќе ги прочитате. 

Најубавите љубовни писма на сите времиња (Група автори)  Ова е другото лице на историјата. Тука освојувачите со оружје, 
со збор или хармонизирани ноти, независно, се плен на потребата за двојно скротување, за нежност, попрецизно – за љубов, односно, да бидеме доследни докрај – за љубовниот копнеж исцеден во интимно интонирани писма што му се противставуваат
 на времето во јуриш. Прочитајте ги похотливите воздишки, развигорените чувства
 и срцевите изблици на луѓето кои им да е важност на историските отсечки од нивното време, поаѓајќи од скокотливиот Волтер, мистериозниот Бетовен, па правдољубивата Мери Волстонкрафт 
и актерката Жулиет Друе, но и други громки имиња.

Животот и времињата на Мајкл К (Џ. М. Куци) Во образложението на Нобеловиот комитет, меѓу другото, се вели дека со Животот и времињата на Мајкл К станува јасно дека Куци е писател на самотијата.  И навистина, како и самиот Куци, насловниот лик од романот среќата ја наоѓа само кога е сам со својата – едновремено буквална и волтеровска – градина: роден со зајачка уста и со ограничени умствени способности, неговата потчовечка хуманост се чини осудена да опстојува исклучиво во судир со еден длабоко дехуманизиран свет кој сме се навикнале да го сметаме за нормален во отсуство на едноставните цели и нескршливиот дух на Мајкл К. Поделен меѓу два наратори и на три несразмерни дела, должен на визиите на Кафка, но и со видлива намера да надомести за недостигот на смисла кај својот духовен претходник, Животот и времињата на Мајкл К е речиси алегориска приказна за бегството на еден безначаен граѓанин од општовладејачкото безредие кон една состојба на трансцендирачка рамнодушност кон повеќето потреби, кон „немоста што ја негира логиката на моќта“.

Семејството на Паскуал Дуарте (Камило Хозе Села) Камило Хозе Села (Camilo José de Cela y Trulock, 11 мај 1916 – 17 јануари 2002) е еден од најзначајните и најчитани шпански писатели, добитник на Нобеловата награда за литература во 1989 година за неговата „раскошна и интензивна проза што низ воздржана сочувствителност обликува предизвикувачка визија за човековата ранливост“. Во 1942 година, на дваесет и шест годишна возраст, го објавува Семејството на Паскуал Дуарте, роман кој веднаш го промовира во предводник на новата генерација шпански писатели, подоцна носејќи му и статус на востановувач на тремендизмот во шпанската литература – натуралистички стил кој го комбинира реализмот на Бенито Перез Галдос и социјалниот роман од триесеттите, едновремено обновувајќи го автентично шпанскиот дух на пикареските од XVII век. Краткиот роман е претставен како приреден препис од последните белешки на насловниот лик кој, чекајќи ја својата смртна казна, се навраќа на нештата што го натерале да ги изврши злосторствата за кои е обвинет. Но како што се ближи кон крајот на својот отпрво ветувачки исказ, читателот, секогаш во потрага по недвојбени мотиви, е принуден сè повеќе и повеќе да се снаоѓа зад превезот на недореченото и магливите концепти како „лоша ѕвезда“ и „судбина“.

 

Поврзани статии

Back to top button