Ниедна болка не е поголема од онаа во тебе…
Се појавува онаа гадна тишина и во неа само срцебиење…Си го слушаш дишењето, мислите ти поминуваат како секунда извајана во вечност…и од некаде она познато прашање- Дали вреди? А знаеш дека премногу вреди и да можеш ќе го сочуваш тој еден посебен миг далеку од сите…
И те инспирира болката, сфаќаш дека си жив…сфаќаш дека вдишувањето е поклон кој може да донесе горчина..а сепак ги сакаш поклоните.
Осеќаш како залутала мала кристално чиста солза, се тркала по лицето и остава лузни…Како да ти ја гори кожата оваа солза, исто онака како што ти е изгорена душата…И си викаш- Па добро е, се случува…А знаеш дека не се случува секогаш да си ја отвориш душата, во утробата да направиш дом за целиот твој немир, да се бориш со твоите демони додека наоколу гледаш среќни лица ..
А дали се среќни? Можат ли да ја осетат твојата тишина и да се изгубат во бурата која ти го корне срцето? Којзнае…
Најтешко е да се смееш кога секоја пора од телото ти плаче…Ти си како цвет од сончоглед- закован за едно место и осуден да ја бркаш светлината на сонцето…Како жална врба си…Твоите корени се цврсти ама гранките се наведнале онака како Ти кога болката ти поминува низ душата…И стануваш домаќин на болката а таа се заседнува како во свој дом, пушта корења…длабоки..тешки…
Секоја промена ти се забележува на лицето, веќе не знаеш да излажеш кога мразиш или кога сакаш, не знаеш да го наведнеш погледот кога солзи ти ги мијат очите…
Па добро, човек си си викаш…и другите плачат, и другите си ја корнат душата на безброј парчиња…
А само бараш утеха зошто ниедна болка не е поголема од онаа во тебе- победа, игнорирање, страв, збогувања, заминувања, љубов…се’ се собрало и кулминира во лудило…
И пак онаа гадна тишина…сам си во неа, се бориш….секој ден е таков- стави шминка на тагата, нацртај на лицето насмевка и продолжи…ден по ден…секој ден…
Маја Спасовска