Денес е Светски ден на книгата, предлог три книги!
Во овој период кога сите навистина имаме многу слободно време добро би било барем дел од слободното време да го трошиме квалитетно, читајки интересни книги.
Трагајќи по неа (Лиса Гарднер) Пред седум години, безгрижната студентка Флора Дејн ја киднапираат за време на пролетниот распуст. И цели 472 дена, Флора постепено открива колку всушност и што сè може да издржи една личност. Жива со помош на некое чудо по сето тоа, Флора ги поминува последните пет години привикнувајќи се повторно на ритамот на нормалниот живот и работи со нејзиниот специјалист за жртви од ФБИ. Таа има мајка која никогаш не престанала да ја сака, брат кој се плаши од личноста во која таа е претворена и еден ѕид во нејзината спална соба кој е покриен со слики од други девојки кои за разлика од неа, никогаш не се вратиле дома. Кога детективката Ди Ди ја повикуваат на место на злосторство, каде што има мртов маж и врзана гола жена која го убила, таа дознава дека Флора се плеткала и со други тројца осомничени откако се вратила во општеството. Па, дали Флора е жртва или одмаздничка? И дали е можно со нејзиното лично искуство со предатори, таа да може да помогне со спасување на исчезнатата студентка чие киднапирање го тресе Бостон? Но кога и Флора повторно исчезнува, Ди Ди сфаќа дека сè е уште покомплицирано отколку што изгледа и дека некој очигледно решил дека Флора Дејн овој пат нема да побегне жива.
Совршеното дете (Лусинда Бери) Кристофер и Хана се среќен брачен пар; тој е хирург, а таа медицинска сестра и имаат речиси совршен живот. Единственото нешто што им недостасува е дете. Кога едно напуштено шестгодишно девојченце, Џејни, се појавува во болницата каде што работат, Кристофер веднаш страшно се поврзува со неа и ја убедува Хана да ја земат дома. Но Џејни не е баш обично дете и нејзината оштетена психа е покомплициран проблем од она што новите родители го очекуваат. Џејни е претерано поврзана со Кристофер и почнува со вознемирувачки испади, насочувајќи го целиот бес кон Хана. Хана никако не може да се зближи со Џејни, па почнува да попушта под притисокот, особено затоа што Кристофер одбива да ја гледа Џејни со објективни очи и да признае дека нешто не е во ред со нејзиното однесување. Хана знае дека Џејни манипулира со Кристофер и дека намерно го оддалечува од неа, иако таа се обидува да го зближи целото семејство. Но вистината што се крие во минатото на Џејни веројатно е доволна да го распарчи целото семејство. Морничав трилер за млад пар очаен за дете… и страшните последици од исполнувањето на нивната желба.
Кери (Стивен Кинг) Кери Вајт не е обична девојка. Таа има дар. Може да поместува предмети со нејзиниот ум. Вратите се заклучуваат. Светилките паѓаат. Поканата од Томи Рос на матурската вечер за Кери е исполнување на сонот – прв чекор кон влез во средношколското друштво. Сѐ додека неочекуваната суровост не го претвори нејзиниот дар во оружје на хорор и деструкција кои никој никогаш нема да ги заборави.