Убави дестинации

Дали ја знаете легендата за настанокот на Скопје?

Скопје е лоцирано на ниска котлина која е опкружена со седум планини. Денес постојат седум природни патишта кои водат до градот. За настанокот на Скопје позната е само една легенда.

Скопската Котлина била базен во кој имало огромна карпа која била со тркалезна форма и наликувала на ловечка глава. Според легендата карпата била глава на огромен џин, кој бил проколнат од страна на злобен маѓепсник, кој откако го скаменил, со помош на своите магии зашекогаш му ги затворил очите, ноздрите, ушите и устата. Возвишен херој, кој овој чин го сметал за неправда, го предизвикал маѓепсникот. По долгогодишна борба, маѓепсникот бил поразен, а херојот со помош на своето магично копје, повторно ги активирал отворите на џиновската карпеста глава, односно, очите, ушите, ноздрите и устата, и на тој начин ги направил седумте патишта до скопската Котлина.  Името на возвишениот херој никој не го знаел.

Седумте планини што го опкружуваат Скопје се: Водно, Скопска Црна Гора, Сува Гора, Китка, Жеден, Катлановска и Шар Планина, а седумте природни патишта се: Китка, клисурите Треска, Таорска, Качаничка и Дервенска, теснецот Групчин и Матејче во пазувите на Скопска Црна Гора. Овие патишта се очи и уши, ноздри и уста на Скопје. Градот низ нив гледа и слуша, дише и зборува. Секој што ќе помине на овие патишта ќе може да види со очите на Скопје, да слушне со ушите на Скопје, да диши со здивот на Скопје и да го разбере говорот на Скопје!

Поврзани статии

Back to top button