Дали само поради тоа што ми е биолошки татко треба да го наречам ТАТО?
Татко – грбот за утеха на секое едно дете на светов! Но, за жал многумина од нас не го почувствувале тој грб за место на кое можат да се потпрат, да се засолнат и да се утешат. Многумина од нас почувствувале дека се сами на овој свет, дека немаат кому да се навалат кога се тажни, кога се среќни, едноставно кога им е потребен некој свој. Некој свој… благодарение на него јас сега го живеам овој живот, благодарени на него сум на овој свет. И му благодарам, му благодарам што вака или онака тој живот ми подарил. Но, искрено ќе ви кажам, не можам, не можам да го наречам тато човекот кој не беше до мене кога го изговорив првиот збор, не беше до мене кога го направив првиот чекор во животот. Не беше тука да ме пофали за првата петка, ниту да ме искара и казни за првата единица. Не беше до мене кога играјќи на улица ги раскрвавував колената и плачејќи трчав дома, а дома него го немаше. Не беше до мене ни да ми ги избрише солзите од првото заљубување. Не се појави ниту на мојата матурска забава, ниту на моето дипломирање тој не беше покрај мене. Цели дваесет и пет години тој не беше татко, и не можам да го наречам тато. При жив родител, јас живеам сама, со огромна празнина во себе, но се посилна и посилна. Тоа негово отсуство за мене беше тешка лекција, тешко искушение, но се помирив со тоа. После се сега тој бара од мене да го наречам татко, но никако не можам. Не ми доаѓа од душава, непознат збор за мене е тоа. Не знам каква е убавината да имаш машка фигура покрај себе за време на развојот. Не знам како е да имаш кому доцна во ноќта да му заѕвониш да те земе од излегување, не знам како е да те гушне татко искрено и силно… не осудувајте ме, не можам да му простам, не можам да го наречам Тато!