Три книги кои вредат да бидат прочитани!
Очи на темнината (Дин Кунц) „Еден кинески научник по име Ли Чен избега од Кина во Соединетите Американски Држави и со себе донесе дискета со записи за најважното и најопасното ново кинеско биолошко оружје во целата деценија. Материјалот го викаат ’Вухан-400‘, бидејќи е развиен во нивните лаборатории за рекомбинирање што се наоѓаат околу градот Вухан…“ Единаесетгодишниот син на Тина страда во сообраќајна несреќа. Една година потоа, таа почнува да забележува чудни напишани пораки што велат дека Дени сè уште е жив. Тина е поранешна танчарка во Лас Вегас, а сега е успешна кореографка. Елиот, адвокат и пријател на сопствениците на театарот во кој работи Тина, забележува дека нешто необично се случува со неа. Наскоро, во вртоглавиот развој на настаните, и двајцата се принудени да спасуваат жива глава.
Драг Едвард (Ен Наполитано) Едно летно утро, дванаесетгодишниот Едвард Адлер, заедно со брат му, родителите и уште 183 патници се патници на летот од Нуарк до Лос Анџелес. Меѓу нив е и еден финансиски вундеркинд активен на Волстрит, млада дама која се соочува со несакана бременост, ранет авганистански ветеран, бизнис-тајкун и слободоумна жена која бега од својот маж. И тогаш – се урива авионот. Едвард е единствениот преживеан. Случајот на Едвард го привлекува вниманието на јавноста, но нему му е тешко да се соочи со загубата на семејството. Непрестајно чувствува дека душевниот мир го изгубил на оној судбоносен лет и дека неговата судбина засекогаш е врзана со авионот и со преостанатите патници. Но, тогаш открива нешто сосем неочекувано, нешто што ќе го доведе до одговорот на многу важни прашања: Kако да се пронајдеш себеси кога си изгубил сè? Како да најдеш смисла во новиот живот? Што е разликата помеѓу преживувањето и живеењето? „Драг Едвард“ е истовремено извонредна приказна за внатрешниот живот на главниот протагонист, повеќедимензионален портрет на незаборавна група ликови и трогателна илустрација на различните начини на кои може да закрепне едно скршено срце.
Заеднички стан (Бет О`Лири) Тифи и Леон делат стан. Тифи и Леон делат кревет. Тифи и Леон никогаш не се сретнале… На Тифи Мур ù треба евтин стан, и тоа итно. Леон Туми работи ноќе и му требаат пари. Нивните пријатели мислат дека се луди, но тоа е совршено решение: Леон живее во станот со еден кревет додека Тифи работи преку ден, а таа го има станот преостанатото време. Со опсесивни поранешни партнери, со комплицирани клиенти на работа, со погрешно обвинет брат и, секако, фактот дека сè уште не се сретнале, тие откриваат дека ако сакаш совршен дом, треба да го фрлиш правилникот низ прозорец.