Рецепт за убав ден на Теа Беговска
Денешниот рецепт со вас го споделува режисерката Теа Беговска. Навистина е уникатен, прочитајте го!
Сите денови се убави, освен тие што не се. 🙂
Секогаш си велам – Ех да можам да си го изрежирам денот, исто како кога режирам некоја претстава. Тогаш успешниот ден би зависел исклучиво само од мене, и секогаш ќе решавам сама за се’, а во животот не е секогаш баш така 🙂
Денот секогаш ми почнува со кафе и музика. За мене пиењето кафе е ритуал во кој го проверувам мојот распоред за денот. Фокус и присутност, будност. Бидејќи поголемиот дел од денот сум во движење, секогаш облекувам нешто удобно и нешто што ме прави да се чувствувам среќна и самоуверена. Најважно за мене е во денот да направиш нешто за себе. Да си приредиш нешто неочекувано. Бидејќи сум индивидуалец по природа, убавината во денот не ја очекувам некој друг да ми ја направи, туку секогаш си приредувам мали изненадувања на себе и на некој друг што го сакам. Убава храна, пријатели кои не сум ги видела одамна, насмевка од непознат човек… Знам често да му се насмевнам на некој без посебна причина – и тоа го прави денот убав. Денот знам дека ми бил убав кога ќе се вратам дома уморна, кога чувствувам убав умор и знам дека тој ден не бил потрошен залудно, бил продуктивен. Тогаш ќе си зготвам нешто највкусно на свет ( иако ретко готвам) ама секогаш е тука delivery food 🙂 и заспивам со Friends секогаш. Иако сум ги гледала сто пати, веќе ги слушам само како радио 🙂 Важно е да заспијам мирно и да се разбудам мирно. Иако мирното спиење во мојата работа е реткост, го имам прифатено како дел од мојот живот. Смејте се, гушкајте се…а лошите денови да ги прифатиме како предизвик за поубав ден!