Рецепт за убав ден на Марија Лозаноска
Денешниот рецепт за убав ден со вас го споделува писателката Марија Лозаноска.
Би сакала да речам дека сум утрински човек, но не сум. Иако, не спијам до доцна, но навикната сум добро да се расонам за да можам да бидам што покреативна во текот на денот.
Утрото секогаш го започнувам со протеински оброк затоа што ми дава енергија, па после тоа една огромна чаша црно кафе. Бидејќи работам неколку професии, како пишување, графички дизајн, рачна изработка и маркетинг на социјални мрежи, морам добро да го смислам денот затоа што не е добра идеја кога ќе ми се измешаат обврските.
Следствено од ова, секој мора да знае како најдобро функционира, па затоа јас одам по оној светски тренд по кои работат и најголемите компании дека, не е важно кога ќе ја започнеш работата, важно е да ја завршиш најдобро. Ја имам таа среќа да работам со уметност и она што го сакам, па затоа ги завршувам обврските во оној дел од денот кога сум најпродуктивна.
Мојот совет е: да не одите по туѓите навики, туку да си научите што најмногу вам ви одговара. А, мене ми одговара да работам кога сите одмораат. И бидејќи го правам она што го сакам, јас не работам ниту еден ден.