Рецепт за убав ден на Ксенија Николова
Денес во рубриката „Рецепт за убав ден“ се дружиме со девојката чии зборови се споделуваат и прераскажуваат, разнежнуваат и погодуваат право во срце, единствената Ксенија има супер интересен рецепт за убав ден, уживајте. Мојот рецепт за убав ден после долги години талкање по истиот и бегање од сите рутини и шаблони е имено тоа – рутина. На една уметничка и бунтовна душа и’ е многу тешко да сфати дека не може постојано да талка и дека плиткоста нема никаква врска со рутината, туку сосема напротив. Дисциплината е нешто кое е многу тешко да се научи, и да јас отсекогаш сум била организиран човек, но сето тоа честопати ми било бадијала, поради недисциплината на моите емоции. Но, повеќе не. Не дозволувам повеќе да имам лош ден и поради тоа да не ги направам сите оние работи кои ме прават среќна и физички и духовно здрава. Не дозволувам мислите да ме грицкаат, не посегнувам по она кое не се случило, живеам во моментот и живеам по рутина, затоа што најголемата вистина која ја научив е дека цедениот сок од портокал наутро е проклето доволен за среќен и убав ден.