Предлог книги за убав ден
За денес одбравме три супер интересни книги кои вредат да бидат прочитани.
Исповеди (Колин Хувер) „Исповеди“ од најпродаваната авторка на „Њујорк тајмс“ ‒ Колин Хувер е роман за ризикување, сè заради љубов и за пронаоѓање на своето срце некаде помеѓу вистината и лагите, добитник на наградата „Гудридс чојс“ за најдобра романса во 2016 година. Во освртот на „Бук краш“ за книгата се вели: „ Исповеди е уште една емотивно наполнета и извонредно срочена книга. Колин Хувер продолжува да им носи на читателите уште една автентична приказна што се разликува од сите други и е прекрасно пренесена“.
Критичарот на „Буклист“ вели: „Хувер длабоко ќе ве трогне во оваа љубовна приказна за втора шанса… напнато, секси“. Приказната се движи околу Обурн Рид, која на 21 година изгубила сè што ѝ е важно. Во својата борба одново да си го изгради урнатиот свет, таа си ги зацртува целите и нема простор за грешки. Но, кога влегува во едно уметничко ателје во Далас, барајќи работа, таа не очекува да се појави длабока привлечност кон таинствениот уметник кој работи таму, Овен Гентри. Обурн ризикува првпат и си го препушта срцето да ја води, само за да открие дека Овен чува голема тајна што не смее да излезе на виделина. Обемот на неговото минато се заканува да го уништи сето она што ѝ е важно на Обурн и единствениот начин таа да си го врати животот е да го отфрли Овен од себе. За да ја спаси нивната врска, сè што треба да направи Овен е да се исповеда. Но, во овој случај, исповедта може да биде многу подеструктивна од самиот грев.
ЗЕН Уметност на едноставното живеење (Шунмио Масуно) Преку јасни и практични лекции што се учат лесно – по една на ден во текот на сто дена – познатиот будистички свештеник Шунмио Масуно евоцира мудрост стара со векови за да ви покаже како да ја применувате суштината на зен-будизмот во модерното живеење.
Станува збор за новата книга во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, „Уметноста на едноставното живеење“: 100 секојдневни вежби од јапонски зен-монах за живот исполнет со мир и радост“ од Шунмио Масуно.
Тука ќе научите како длабоко да издишувате за да ги исфрлите негативните емоции, како да го средувате својот дом едноставно, што ќе ви помогне да ги расчистите вашите мисли, да ги подредувате обувките навечер за да внесете ред во вашиот ум, да засадите едно цвеќе и да гледате како расте, помалку да се грижите за она што не можете да го контролирате и уште многу други нешта… Дури и ќе си создадете време за да не размислувате за ништо.
Поедноставете си го животот со уметноста на зен-будизмот и научете како да се чувствувате порелаксирано, поисполнето и со обновено чувство на мир и спокој.
Другиот Анштајн (Мари Бенедикт) Мица Мариќ секогаш била различна од другите девојки. Во своите дваесетти години, повеќето веќе биле сопруги и мајки. Не учеле физика на елитен Универзитет во Цирих, ниту, пак, другите мажи се натпреварувале со нив во решавање равенки. Но, Мица била доволно паметна да знае дека за неа математиката е поедноставна од бракот. И тогаш, еден колега од нејзиниот факултет – Алберт Ајнштајн – ќе покаже љубовен интерес за неа. Како последица, нејзиниот свет ќе се сврти наопаку. Нивната врска не е само емотивна туку и интелектуална. Но, се чини, во една врска има место за само еден гениј. „Другиот Ајнштајн“ е извонредна биографска фикција што пишува за бурната љубов меѓу Милева и Алберт. Книгата открива многу историски детали за нивната врска, но и за времето во кое живееле.