Убави книги и филмови

Предлог книги за убав ден!

Три книги кои ќе ви го разубават денот, ќе ве запознаат со нови и интересни животни приказни и ќе ве мотивираат за да постигнете подобар личен развој!

Школка за извонредност (Луис Хаус) Кога поради сериозна повреда останува без работа и практично живее на каучот на сестра му, познатиот професионален рагбист Луис Хаус сфаќа дека мора да направи некоја промена во животот. Почнува да контактира со луѓе на кои им се воодушевува, во потрага по ментори, а и да ги применува советите на старите тренери, пренасочувајќи ги од спортот директно во животот. И успева да изгради мултимилионски онлајн бизнис. Во Школа за извонредност, Хаус ги споделува најважните совети и навики на голем број извонредни луѓе, сѐ што дознал од нив за тоа како да се живее извонреден живот. Низ разговори со спортски шампиони и бизнисмени милијардери, Хаус се обидува да открие што е потребно за да бидеме извонредни во животот, успешни на секое поле, и да достигнеме величие кое не го достигнува баш секој. И сфаќа дека овие великани не се успешни затоа што им се насмеала среќата во животот или едноставно се родени исклучително талентирани, туку имаат одредени навики и алатки со кои ги надминуваат пречките во животот. Школа за извонредност е водич за личен развој кој ви дава алатки, знаење и ресурси за остварување на вашиот максимален потенцијал. Лекциите на Хаус докажуваат дека секој е способен за постигнување исклучителен успех и дека сите можеме да се стремиме кон извонредност во нашите секојдневни животи.

Убиецот со распетието (Крис Картер) Пронаоѓањето на телото на млада жена во една пуста колиба среде шума во Лос Анџелес го враќа детективот Роберт Хантер во еден страшен стар кошмар. Жртвата е пронајдена гола, закачена за две паралелни дрвени штици и очигледно е дека била садистички мачена пред исклучително болната смрт. Некој ѝ ја одрал целата кожа од лицето – и тоа додека сѐ уште била жива. На задниот дел од нејзиниот врат е врежан чуден двоен крст: заштитен знак на психопат познат како Убиецот со распетието. Но тоа е невозможно. Затоа што Убиецот со распетието бил фатен и осуден на смртна казна пред две години. Дали е можно да се работи за некој кој се обидува да го копира? Или пак е можно незамисливото да е вистина? Дали вистинскиот убиец сѐ уште е на слобода, подготвен за нова грозоморна низа убиства, бирајќи ги жртвите без никаков логичен ред и шаблон за да му се потсмева на Роберт Хантер што никако не може да го фати? Хантер и неговиот партнер новајлија не се ни свесни во каков кошмар влегуваат…

Уметница со кана (Алка Џоши) Живописен и заразен приказ на битката на една жена да се реализира себеси во општество кое е на раб меѓу традиционалното и модерното; Уметницата со кана отвора врата од свет кој е подеднакво раскошен и фасцинантен, колку што е мрачен и злобен. По бегството од насилен брак, седумнаесетгодишната Лакшми се упатува во вибрантниот, розов град Џајпур. Таму станува најбараната уметница со кана, но и најголемата чуварка на тајни на најбогатите жени од високата класа. Но иако богатите ѝ ги откриваат сите свои тајни, таа никогаш не смее да ги довери своите некому… Лакшми станува позната по оригиналните дизајни и добрите совети, но мора да биде внимателна за да не стане жртва на љубомора и озборувања кои би можеле да ѝ ја уништат репутацијата и заработувачката. Додека го исполнува својот сон за независен живот, сенки од минатото носат нови ризици. Нејзиниот поранешен маж ја пронаоѓа по многу години и се соочува со неа со сестрата што Лакшми не ни знае дека ја имала. Одеднаш, сите нејзини внимателно градени безбедносни ѕидови се под закана. Но Лакшми повторно продолжува да се бори низ животот, користејќи ги своите таленти за да се издигне над сѐ, воедно издигнувајќи ги и сите што ја опкружуваат.

Поврзани статии

Back to top button