Посакав да се напијам од изворот на твоите очи
Кога прв пат те видов посакав да се напијам од изворот на твоите очи. Кога прв пат те видов посакав да се избањам како од мајка родена во твојата душа. Кога прв пат те видов како звук на стари креденци во некоја заборавена куќа да направи тропот…бум, бум, бум…а јас луда, посегнав по недопирливото. Како мачка на лимен покрив вртев со опашката да најдам место да одморам… Кога прв пат те видов мојот ѓавол и мојот ангел се споија во завера против мене, се смееја на мојата потреба да ти шепнам колку те посакувам… Кога прв пат те видов се осетив како грешница на колена молејќи за прошка… Види ме, како луда! Кога те видов како да имав волшебна четка и сакав да нацртам насмевка на твоето лице…а ти совршено се смееше… Кога те видов се’ си доби смисла…Сивилото стана виножито од бои… …И се беше само миг, како спуштање на крилјата на пеперутката замрзнато во времето, како мирис на роза сочуван во вечност, како арија на ангели испишана низ душава… Ме освои засекогаш, а траеше само миг…мигот стана бесконечен кога прв пат те видов…
Маја Спасовска