Убави книги и филмови

Наслови кои ќе ги обожавате!

Ова се книги кои ќе ги прочитате во еден здив, а ќе ги паметите долго, долго…

Живот за живот (Сара Зар) Џил МекСвини посакува само сѐ да може да се врати во нормална состојба. Но по смртта на татко ѝ, нејзиното огледало, човекот кој цел живот ја учел како да биде подобра личност, таа повеќе нема желба за ништо и едноставно се оддалечува од сите кои сакаат да ѝ помогнат: нејзиното момче, нејзините пријатели, нејзината мајка… И сега, кога мајка ѝ одлучува да посвои бебе, таа се чувствува гневно поради обидот еден живот да се замени со друг, бидејќи, се разбира, никој и ништо не би можел да го замени татко ѝ – сонцето на нејзиниот живот. Менди Калиновски знае како е да пораснеш без никој да те сака, со мајка која никогаш не сакала да има дете. Па кога останува трудна, таа е сигурна во една работа, дека сака подобар живот за своето дете. Но дали постои некаква шанса таа некогаш да најде подобар живот за себе, бидејќи, ако сме реални, таа и самата сѐ уште е дете? Ќе најде ли некогаш некој кој ќе се грижи за неа?

Скриена во најмрачниот агол (Елизабет Хејнс) Пред четири години…
Прекрасниот, харизматичен и спонтан Ли изгледа премногу совршен за да биде реален. Пријателките на Кетрин очигледно се согласуваат, бидејќи секоја една од нив паѓа на неговиот шарм. Но она што почнува како силна привлечност и страсен секс се претвора во нездрава љубомора и Кетрин сфаќа дека Ли има и една друга, многу помрачна страна. Неговото агресивно и посесивно однесување почнува страшно да ја плаши, но никој не ѝ верува кога таа ќе ги сподели своите стравови. Контролирана во секоја секунда од денот и изолирана од сѐ, скриена во најмрачниот агол од нејзиниот свет, очајната Кетрин прави план за бегство. После четири години…Ли е зад решетки, а Кетрин – сега Кети – опседнато ги проверува вратите и прозорите од нејзиниот стан, бидејќи не верува никому. Kога атрактивниот сосед, Стјуарт, влегува во нејзиниот живот, Кети конечно се осмелува да се надева дека љубовта и среќата можеби се можни и после сѐ… до денот кога добива телефонски повик со известување дека Ли наскоро излегува од затвор.

Првиот последен бакнеж (Али Харис) Како се задржува љубовта која полека ви се лизга низ прсти? Може ли човек да го заборави минатото кога знае што носи иднината? И каде се наоѓаат сили кога знаеш дека секој бакнеж е одбројување до збогување? Првиот пат кога Моли го бакнува Рајан, таа уште веднаш знае дека тие ќе бидат заедно засекогаш. Шест години и илјадници бакнежи подоцна, Моли е мажена за човекот кој го сака. Но денес, додека Рајан ја бакнува, Моли сфаќа колку многу бакнежи залудно потрошила и загубила, бидејќи иднината носи нешто што ниеден од нив двајца не можел да го замисли и предвиди…Ова е приказната на Рајан и Моли, ова е приказната која ќе ви раскаже како се запознаваат, вљубуваат, изневеруваат, разочаруваат и разделуваат. Ова е приказна за љубовна афера. Ова е приказна која трае цел живот, а истовремено приказна која завршува прерано. Приказна која ќе ве насмее и расплаче. Приказна која ќе ви го скрши срцето со таква нежност што ќе молите за уште.
Ова е приказна за еден прв бакнеж, но и за еден последен бакнеж…

 

Поврзани статии

Back to top button