Книги кои ќе го задржат вашето внимание
Предлог три супер интересни и возбудливи книги кои со сигурност ќе го задржат вашето внимание се до последната страница.
Куба од моите соништа (Шанел Клитон) Од авторката на издавачкиот феномен и бестселер „Се гледаме во Хавана“ ни доаѓа приказната за преубавата и храбра Беатрис Перес, жена пред своето време, која ќе ризикува сè за своите идеали. Кубанската револуција ѝ зела сè на наследничката на шеќерната династија Беатрис Перес: нејзиното семејство, нејзиниот народ, нејзината земја. Опседната со желбата да се одмазди и да го врати животот што го изгубила на Куба, се заплеткува во опасниот свет на шпионажата за да се инфилтрира во кругот на луѓето што му се најблиски на Фидел Кастро. Студената војна како ураган ѝ се заканува на Флорида и на сè што ѝ значи на Беатрис, а таа е растргната меѓу политичкиот судир и забранетата афера со еден моќен и амбициозен маж. Додека расте напнатоста меѓу Куба и Соединетите Американски Држави, а текот на историјата бега од контрола, Беатрис мора да избира меѓу тоа што било и тоа што треба да биде, а еден погрешен чекор би можел да ја остави без сè – не само без саканата Куба, туку и без мажот на кој му го дала срцето.
Марсовата соба (Рејчел Кушнер) Роми Хол, самохрана мајка на петгодишен син, вработена во ноќни клубови и некогашна зависничка од дрога, извршила навидум непростливо, необјасниво убиство за кое е казнета според законот. Сега е на почеток на издржувањето на две доживотни казни едноподруго.
Надвор е светот од кој е отсечена: Сан Франциско на нејзината младост и нејзиното семејство. Внатре е новата реалност: илјадници жени што се грабаат за неопходните работи за преживување, блефирање и глума, покрај насилството, кое е еднакво и меѓу стражарите и меѓу затворениците; апсурдноста на затвореничкиот живот. Затворот добива неспоредливо пошироко значење додека го гледаме животот на Роми: луѓето се ограничени и се однапред осудени на своите расни гета, на своите сексуални определби, на својата сиромаштија, на својата необразованост, на секој недостиг од помош, која би морала да им ја даде заедницата, на сопствената тесноградост. И додека романот нѐ обзема со својот гнев, чувствата и безнадежноста, неговата прецизна, храбра и трагична, динамична, а, сепак, прекрасно рафинирана приказна проткаена со блескава смисла за хумор и со бујна и разиграна живост, до самиот крај не нѐ испушта од раце.
Искри како ѕвезди (Надија Хашими) Американка со авганистанско потекло се враќа во Кабул со цел да ја дознае вистината за своето семејство и за трагедијата што им го уништила животот: тоа е дејството на овој брилијантен и жесток роман од авторката на бестселерите Бисерот што ја скрши школката, Куќа без прозорци и Кога месечината е ниско. Кабул, 1978 година: Како ќерка од угледно семејство, Ситара Замани живее живот полн со привилегии во авганистанската космополитска престолнина. Тие 70-ти години се период што ветува извонредно многу, под водство на луѓе како Сардар Дауд, прогресивниот авганистански претседател, и саканиот татко на Ситара, инаку десната рака на претседателот. Но, светот на десетгодишната Ситара се урива кога комунистите изведуваат воен удар, при што ги убиваат претседателот и сите од семејството на Ситара. Таа е единствената преживеана. Од палатата скришно ја изнесува еден гардист по име Шаир, по што Ситара на крај завршува во домот на една американска дипломатка, која ја посвојува и ја подига во Америка. Во својата нова земја, Ситара добива и ново име – Аријана Шеперд – и се фрла на студии, за на крај да стане познат хирург. Како еденствена преживеана од трагедијата, Аријана одбива да гледа зад себе и место тоа решава траумата и катастрофалната загуба што ги претрпела да ги закопа длабоко во себе. Њујорк, 2008 година: Триесет години по таа фатална ноќ во Кабул, светот на Аријана повторно се разнишува од корен кога во нејзината ординација влегува еден постар пациент – човекот кого не очекувала дека некогаш повторно ќе го види. Тоа е Шаир, војникот што ја спаси, а, сепак, кој, можеби, и го убил целото семејство. Средбата со него кај Аријана буди гнев и желба за одговори – и, можеби, за одмазда. Сфаќа дека не може да продолжи со животот ако не ја дознае вистината, па тргнува во потрага, која ја враќа во Кабул – центарот на борби меѓу корумпираната влада и талибанските фундаменталисти – и низ засенчените сеќавања на саканиот свет што го изгубила. Смела, просветлувачка, трогателна, а, сепак, полна со надеж, Искри како ѕвезди е приказна за домот – за Америка и за Авганистан, за трагедијата и за опстанокот, за повторното пронаоѓање и сеќавање, приказна раскажана со карактеристичниот глас на Надја Хашими.