Убави книги и филмови

Книги кои ќе ги читате, препрочитувате и препорачувате!

За денес одбравме три дела кои ќе ве остават без здив и нема да ве остават да ги оставите сè до нивната последна страница. Ова се книги кои ќе ги читате, препрочитувате и препорачувате.

Игрите на гладните (Сузан Колинс) Секоја година, во Капитол се одржуваат Игрите на гладните. Од секој реон, по пат на лотарија се избираат едно момче и едно девојче – наречени трибути и се испраќаат во Капитол. Таму трибутите ги ставаат во голема арена каде треба да се убиваат меѓусебно сè додека не остане само еден преживеан… а сето тоа другите го гледаат во живо на телевизија. За Капитол тоа е празник, тие се обложуваат за победници, доаѓаат за да гледаат, се радуваат. Кетнис живее со својата мајка и сестра. Дента на лотаријата на трибути силно се моли да не биде извлечено нејзиното име. И не е… ја извлекуваат нејзината помала сестричка. Таа не смее да го дозволи тоа, а немоќна е да го промени.
Затоа… се јавува како доброволец за да ја замени во Игрите. Таа е храбра, таа е ловец, таа знае што значи да умираш од глад, таа е посилна од Прим, но исто така е свесна дека си припишува смртна казна.

Перфектна хемија (Симон Елкелс) Два различни света. Една вистинска љубов. Една осумнаесетгодишна матурантка со внимателно создаден „перфектен“ живот. Со перфектна маска, со перфектен изглед, со „перфектно“ семејство, со перфектно момче, со група најдобри пријатели, со ветувачка иднина, со беспрекорна репутација. Или барем така мислат оние околу неа… Едно осумнаесетгодишно лошо момче со ужасно минато и уште помрачна иднина, со група пријатели бандити, со семејство кое зависи од него, со куп проблеми и без страв. Тој нема соништа, нема амбиции, нема цели затоа што и покрај тоа што има потенцијал, Алекс е свесен дека таквите како него никогаш не стигнуваат далеку… Еден важен проект по хемија кој ги спојува како партнери и еден облог дека лошото момче може да ја освои добрата девојка кој ги поврзува во игра. Но оваа игра е како игра со оган – колку и да е забавно и изгледа безопасно, ако премногу му се приближиш, огнот ќе те изгори и ќе остави лузни.

Раѓањето на огнот (Сузан Колинс) Наспроти сите напори и желби на Капитол да ја видат мртва, Кетнис е победник на 74-тите Игри на гладните, заедно со Пита, момчето од нејзиниот реон во кое сите веруваат дека таа е лудо заљубена. Иако по победата таа има сè што би можела да посака – куќа во специјален дел од реонот за победниците на Игрите, повеќе од доволно храна за нејзиното семејство и популарност во целата држава, по посетата од самиот претседател на Панем, Кетнис не може да ужива во сето тоа. На таканаречената “Победничка турнеја“ таа мора да ги убеди жителите на сите реони дека навистина е лудо вљубена во Пита, не оставајќи воопшто простор за сомнеж за да нема катастрофални последици. Таа сфаќа дека нејзиниот потег во Игрите за да го спаси Пита и самата себе си од сигурна смрт доведува до подигнување на востание во одредени реони. „Раѓањето на огнот“ претставува мост што ја носи приказната од нејзиниот проблематичен почеток до насилен и драматичен крај.

 

Поврзани статии

Back to top button