Книги кои до самиот крај нема да ги испуштите од раце
За денес одвоиве три супер возбудливи книги кои ќе ве остават без здив, три книги кои нема да можете да ги испуштите од раце се до последната страница.
Господинот (Е Л Џејмс) Лондон, 2019. Животот е лесен за Максим Тревелјан. Поради својот добар изглед, аристократските врски и богатството, никогаш немал потреба да работи и ретко ги поминува ноќите сам. Но сето тоа се менува кога по ужасната трагедија, Максим ги наследува семејната титула, богатството, имотите и сите одговорности што доаѓаат со тоа. Сепак, не е подготвен за таа улога и одбива да се соочи со новата реалност.
Но негов најголем предизвик претставува да се избори со својот копнеж по неочекуваната средба со интригантна девојка која неодамна пристигна во Англија, носејќи со себе опасно минато. Воздржана, прекрасна и музички талентирана, таа е вистинска мистерија, а желбата на Максим се претвора во страст која никогаш порано ја нема искусено. Но која е Алeсија Демачи? Може ли Максим да ја заштити од опасноста што ѝ се заканува? И што ќе направи таа кога ќе дознае дека и тој крие тајни?
Од срцето на Лондон, преку руралниот Корнвол, до тмурната и застрашувачка убавина на Балканот, Господинот е ролер-костер од опасност и страст што го остава читателот без здив до последната страница.
Игра на лагите (Рут Веар) „ИГРА НА ЛАГИТЕ“ претставува уште една загадочна мистерија од перото на Рут Веар, авторката на светските бестселери „Жената од кабината бр.10“ и „Во една мрачна, мрачна шума“. Пораката пристигнува доцна во ноќта. Само два збора: Ми требате. Иса веднаш го остава својот секојдневен живот зад себе, ја зема својата шестмесечна ќерка и се упатува кон Салтен. Во тамошниот интернат, сместен во близина на селото, ги поминала пресудните денови од својот живот, денови чија сенка сè уште се надвиснува над неа. Во училиштето, заедно со своите три најдобри другарки обожавала да ја игра Играта на лагите. Се натпреварувале кој подобро ќе ги убеди луѓето во бесмислените приказни и лаги. Сега, седумнаесет години подоцна, на плажата е пронајдено нешто ужасно. Нешто што ќе ја принуди Иса да се соочи со своето минато, заедно со трите жени што ги нема видено многу одамна, но кои никогаш не ги заборави. Нивната повторна средба воопшто не е пријатна: Салтен не е безбедно место за нив, не по она што го направиле во минатото. Време е четирите пријателки да ги усогласат своите приказни…
Покана за пријателство (Лора Маршал) „Покана за пријателство“ ќе биде новата опсесија за сите љубители на трилери. Дали некогаш сте посакале да го промените минатото? Луиз го сака токму тоа. Секој ден… Кога Луиз Вилијамс ќе добие порака од една личност од дамнешното минато, срцето за малку што не ѝ запира. Марија Вестон сака да ја додаде за пријателка на Фејсбук. Но Марија Вестон исчезнала пред повеќе од дваесет и пет години. Последен пат е видена ноќта на матурската забава и сите веруваат дека е мртва. Особено Луиз, која целиот свој живот крие страшна тајна. Но Луиз е принудена да ја открие вистината за она што се случило во минатото, а единственото нешто што со сигурност го знае е фактот дека Марија Вестон исчезна таа ноќ и оттогаш ѝ се губи секаква трага, сè досега…