Книги во кои ќе се вљубите уште на прва страница
Кога немате идеја за интересна книга, ние сме тука да ве советуваме!
Присестра (Џенифер Донели) Изабел треба да е бескрајно среќна – набрзо ќе го добие прекрасниот принц. Но, Изабел не е исклучително убавата девојка која ја изгубила стаклената чевличка и го освоила срцето на згодниот принц. Таа е грдата присестра која си отсекува дел од ножните прсти за да успее да ја пикне ногата во чевличката на Пепелашка… и таа чевличка сега се полни со крв. Кога принцот ја открива измамата на Изабел, ја отфрла и посрамотува. А таа токму тоа и го заслужува, бидејќи е обична, еднолична девојка во свет кој цени само убавина; темпераментна девојка во свет кој сака таа да е кротка и понизна. Изабел многупати се има обидено да се вклопи. Да ги исполни очекувањата на мајка си. Да биде повеќе како својата присестра. Да биде мила и слатка. Да биде убава. Едно по едно, таа долго време наназад отфрла делчиња од себе само за да преживее во свет кој не ги вреднува и цени девојките како неа. И сето тоа ја има направено злобна, љубоморна и празна однатре. Тогаш добива шанса да ја промени својата судбина и да го докаже она што грдите присестри отсекогаш го знаеле: треба многу повеќе од скршено срце за да се скрши девојка.
Девојката која ја бркаше месечината (Сара Адисон Ален) Ова е приказна полна со слатка магија, приказна во која две изгубени девојки го наоѓаат своето место под месечината.
Емили Бенедикт доаѓа во Малабај, Северна Каролина, надевајќи се дека ќе реши барем дел од мистериите кои се вртат околу смртта на нејзината мајка. Но во моментот кога стапнува во куќата во која пораснала нејзината мајка, каде го запознава нејзиниот дедо – еден вистински чуден и неверојатно нежен џин – таа сфаќа дека мистериите во Малабај не се решаваат, напротив, тие овде се начин на живот. Тука собите се исполнети со тапети кои ги менуваат боите и сликите во зависност од твоето расположение. Овде необјасниви светла прелетуваат низ дворот сред ноќ. И соседите печат надеж во форма на торти.
Сите во Малабај ги обожаваат тортите на Џулија, а таа очигледно не може да престане да ги прави. Ги пече за да ги задоволи апетитите за слатко на градот, но исто така во надеж дека ќе ја врати љубовта за која се плаши дека би можела да биде изгубена засекогаш.
Склуптор на смртта (Крис Картер) „Имаш среќа што не го запали светлото…“ Една млада негувателка е доживотно трауматизирана кога го наоѓа својот пациент, јавниот обвинител Николсон, брутално убиен во неговиот кревет. Самиот чин делува апсурдно – Николсон имал рак во терминална фаза и му останувале само уште неколку недели живот. Но она што најмногу го шокира детективот Роберт Хантер е „уметничкото дело“ што убиецот го има оставено зад себе на местото на злосторството. Хантер не се сомнева дека убиецот се обидува да комуницира со полицијата, но методот што го има одбрано е крајно необичен – нешто што Хантер го нема сретнато никогаш во својата кариера. И никако не може да разбере која би можела да биде скриената порака. Токму кога Хантер и неговиот партнер Гарсија сметаат дека пронаоѓаат добра трага, се појавува и ново тело – и ново „уметничко дело“. Но не можат да пронајдат поврзаност помеѓу првата и втората жртва, па упорно тапкаат во место. Хантер е во трка со времето и со Скулпторот на смртта, кој пак се подготвува за последните финеси на своето ремек дело.