Како да го поттикнете детето да се грижи за своите заби?
Оралното здравје на детето е од витално значење за неговото општо здравје.
За жал, вакво нешто е доста тешко да им се објасни на децата, особено на рана возраст. Ваша задача е да ги научите навремено да се грижат за своите заби, а тоа да го прават со насмевка, а не со мрзливост. Изгледа како прилично застрашувачка задача, но сè што навистина ви треба е малку креативност и трпение.
Ако секоја вечер и секое утро се мачите да го натерате вашето дете да ги мие забите, советите што следат би можеле да ви помогнат во тоа.
НАУЧЕТЕ ГО ВАШЕТО ДЕТЕ НА ПРАВИЛНА НЕГА НА ЗАБИТЕ
Доброто орално здравје започнува со добра дентална хигиена. Лошата хигиена, пак, доведува до акумулација на бактерии на забите, а секако и низа стоматолошки состојби, од кои сите помалку или повеќе се болни. Од таа причина, важно е да ги запознаете вашите малечки со четката за заби и како да ја користат веднаш штом ќе ги добијат првите заби.
ПОЧНЕТЕ ДА ГИ ЧЕТКАТЕ ЗАБИТЕ ШТО ПОРАНО
Не треба да чекате додека детето не оди на училиште или во градинка за да го научите колку е важно да ги мие забите. Додека е сè уште прилично младо, важно е да му се всади здрава навика да ги мие забите секој ден. Децата од две години се доволно љубопитни и способни да држат четка за заби, а со ваша помош ќе можат правилно да ги мијат забите. Миењето заби двапати дневно е нешто што детето мора да го прифати како важна навика.
ЗАИНТЕРЕСИРАЈТЕ ГО ВАШЕТО ДЕТЕ САМО ДА ГИ МИЕ ЗАБИТЕ
Не можете вечно вие да ги миете забите на вашето дете. Во тој поглед, треба да им го направите интересно четкањето на забите. Можете да го направите тоа со пуштање интересна музика додека ги миете забите, со купување песочен часовник кој ви кажува колку време поминало од миењето и секако со купување четки со ликовите на нивните омилени херои и паста со вкус на јагода или банана.
НАГРАДЕТЕ ГО ВАШЕТО ДЕТЕ ЗА ДОБРО МИЕЊЕ ЗАБИ
Ако детето покаже самостојна иницијатива да ги мие забите и тоа го прави посветено, како што вие му покажавте, пожелно е да ги наградите неговите напори. Слободно истакнете дека е награден за миењето на забите, но и потсетете го што може да се случи со неговите заби доколку не ги мие редовно.
НАПРАВЕТЕ ИГРА СО МИЕЊЕ НА ЗАБИТЕ
Можете да додадете малку натпреварувачки дух во целата приказна. Наместо да ги миете забите на вашето дете, измијте ги вашите во исто време со детето и „тркајте“ се кој ќе ги измие забите побрзо. Може да се натпреварувате и во спротивна насока, кој ќе си ги мие забите побавно.
РЕДОВНО ПОСЕТУВАЈТЕ ГО СТОМАТОЛОГОТ
Одењето на стоматолог може да биде стресно за детето, но доколку тоа е редовна појава, стравот од поправка на забите ќе биде значително помал. Пожелно е да посетувате стоматолог барем еднаш во 6 месеци, за да може да го контролира здравјето на забите на вашето дете и да ви ги даде потребните совети за правилна орална хигиена.