Ќерко, сакај се и цени се, за и другите да те ценат…
Дете мое, честопати се навраќам на твоте години. Се потсетувам како ми беше кога ги имав твоите години, најлудите години. Се со цел правилно да постапам, вистински да ти се доближам. Од почеток ќе ти кажам, не чекори по мојот пат, полесен пат за тебе сакам. Животот не е црно-бел како што ти изгледа. Најди сила, заљуби се во сивилото. Во тоа сивило ќе ти помине повеќето време од животот. Оние црни и бели моменти се кратки, верувај ми. Научи да прифаќаш и да не осудуваш разлики, започни од себе. Различна си, поинаква си, посебна и единствена си. Прифати ги и твојте пријатели како такви, советувај ги, но немој да ги осудуваш и критикуваш. Предај му се на човек со искра во очите, со доза на искреност во зборовите и срце полно и чисто како твоето. Малечка моја, ти го заслужуваш најдоброто, но животот некогаш не не наградува по заслуга. Честопати знае да зададе болка, иако не ја заслужуваме… Пречекај го секој нов предизвик храбро и достоинстевно. Сакај се и цени се, за и другите да те ценат. Верувај во себе, верувај во своите квалитети и не заборавај дека најважно е да ги храниш. Храни го редовно талентот од Бога што ти е даден. Чекори цврсто по својот пат, следи ја твојата ѕвезда водилка. Не дозволувај никој да те отргне од патот, не дозволувај да живееш туѓ живот. И никогаш не заборавај, јас сум твојот најдобар пријател се додека дишам. Те сакам безрезервно.