Денес моето малечко прваче ме потсети на мене!
Пред цели дваесет и пет години јас бев малото девојче кое не спиеше цела ноќ од возбуда за првиот училишен ден. Смислував, се премислував, што да облечам, како да се претставам… Денови и денови пред први септември ме спремаа и ме советуваа. Јас не се плашев од инекции, ама од првиот училишен ден и новите другарчиња имав голем страв.
Како вчера да беше се сеќавам, во бараките на основното училиште за рака држејќи ме ме внесе мојата мајка. Во тие темно зелени бараки започнаа моите пријателства кои траат се до денес. Среќно и безгрижно детство имав, трчајќи меѓу старите костени во училишниот двор јас пораснав. Со модринки и гребаници го завршувавме дневниот престој. Слатки лузни се тоа, верувајте ми. Се уште говорат за тие денови стоејќи гордо на моите колена. Низ игра растевме, со игра заспивавме.
Еве ја денес и мојата малечка ја мачи иста мака. Како ќе и помине првиот училишен ден ме прашува веќе недели наназад. Што ќе правиме после завршениот училишен ден уште од сега ја интересира. Не почнала, а мисли што од кога ќе заврши. Се облекува, се пресоблекува, се спрема како за свадба возрасна жена кога се спрема. Возбудата и излегува од очињата, тремата ја оддава нејзиниот се уште бебешки глас. Утрово кога влегов во нејзината соба за да ја разбудам таа ме дочека будна, со ококорени очиња застаната пред отворениот плакар. Иако од вечер си спреми што ќе носи, таа е вистинско женска, па се премислила… Набрзина се спреми и побара да тргнеме.
Додека ја држев за рака чувствував како тече вода од нејзините испотени рачиња. Со солзи во очите и кнедла во грлото ја оставив во училишната клупа до прозорецот. Одев накај работа и плачев, плачев како мало дете. Ме потсети на мене, ме наврати години наназад. Точно знаев што чувствува и што размислува. Знаев дека утрово со бирањето облека си ги насочува мислите на нешто полесно. Дека стравот не дозволува да ја совлада иако е толку малечка. Денот го поминав гледајќи на саат и мислејќи на неа. Се молев да знае да даде се од себе, оти сега почнува да работи на себе. Кога ја земав беше полна импресии, ги запомнила точно имињата на првите другарчиња, со внимание го слушала секој збор изговорен од учителката и запишала што е потребно да се купи и однесе. Наместо дома таа мене ме однесе на пазарење, дрдореше се смееше и едвај чекаше да дојде новото утро за повторно да седне до новата другарка која имала одлични плетенчиња.
Верувам дека искрените први пријателства ќе и траат долго како моите. Со нив да порасне, со нив да остари сакам. Оти, животот без пријатели е тежок и здодевен.