Дали одењето во црква ве прави подобри луѓе?
Знаете ли колку луѓе познавам кои одат редовно во црква, постат, се молат со бели марами на главата и посетуваат литургии а на својот близок му прават лошо. Кога велам близок не мислам само на близок колега, пријател или сосед, мислам и на некој близок по крв. Мислам на сопствено дете, мислам на сопствена мајка, мислам на сопствен брат.
Која е поентата да одиш во црква а да правиш лошо? Која е поентата да постиш а умот и устата да ти мислат и зборуваат лошо? Која е поентата на белата шамија кога на својот најблизок си бил спремен и способен да му земеш се? Својот најблизок си го продаде за парче златен накит, а одиш во црква, слушаш литургии. Кога човек од твојата фамилија се борел за корка леб, ти одеше во црква а не најде време корка леб да му подадеш, зошто?
Ама па што да се очекува од луѓе кои си го продале и дале на ѓаволот своето родено чедо за сопствен мир? Што да се очекува од луѓе кои додека одат во црква се занимаваат со демонски работи? Што да се очекува од луѓе кои лажат а се колнат во вистина? Луѓе кои и духовниот отец го лажат. Луѓе кои ни со редовно одење во црква не го разбудиле човекот во себе.
Бог не е во црквата, Бог е во секој од нас! Бог е љубов, Бог не е злоба, завидност, расипаност и дволичност.
Кога ќе помогнете, кога ќе дадете, кога некому ќе му се најдете не очекувајте и не барајте ништо за возврат.
Нека ви постат устата, душата и срцето од неубави зборови, мисли и дела!