Влезете во светот каде што сè е можно – предлог три книги кои охрабруваат и мотивираат!
За денес одбравме предлог три книги од Коста Петров, еден од најчитаните македонски автори. Неговите книги се книги кои треба секој да ги прочита и да ги има во домот, оти тие мотивираат, охрабруваат и поттикнуваат на храбро и среќно живеење.
Се гледаме на врвот (Коста Петров) Преку 10.000 луѓе во изминатите три години ги посетија елитните настани на компанијата Пи Ворлд. Како глобален лидер во својата област, компанијата секојдневно соработува со најголемите светски брендови и ја менува бизнис- реалноста во над 50 земји ширум светот. А сето тоа го прави токму оттука, од Македонија. Во „Се гледаме на врвот“, Коста Петров, основач на компанијата, ве води на патување низ својата животна приказна полна со неверојатни моменти, со подеми и со падови, пријатни и непријатни искуства кои се неодминлив дел од „патот по кој поретко се оди“. А за оној што ќе го избере тој пат и што ќе истрае на него, на крајот го чека заслужената награда. На своето возбудливо патување, Коста Петров се соочува со големите можности на Америка, со горчливите сценарија на Прага, со луксузниот бизнис-центар Дубаи, но и со реалноста на креирање на глобален бренд од Македонија. Се гледаме на врвот е книга за сите оние што веруваат дека во животот сите се создадени за големи нешта. Влезете во светот каде што сè е можно.
Стравот (Коста Петров) Во својата прва книга, „Се гледаме на врвот“, Коста Петров ги открива своите тајни на успехот, каде стравот како тема е само начнат како една од препреките на тој пат. Затоа беше сосема природно оваа чудовиштна и неоснована емоција, што претставува пречка во секојдневното себереализирање, да добие свое четиво. „Стравот“ е повеќе од книга,тоа е повик за будење и повик на битка со нашиот најголем непријател, нашето его и неговата најмоќна алатка – Стравот. Низ несебичното споделување на личните искуства, мисли и чувства, Коста Петров храбро нè води низ нашата психолошка битка, битката која секој од нас треба да ја добие за да може да го живее сето она што Универзумот го подготвил за него. Со својот јасен, сликовит и енергичен јазик, поткрепен со активизам, тој го поттикнува читателот на решителност и на храбро делување.
Нашето последно кафе (Коста Петров) Ова е книга за сите борци. Книга за луѓето кои не се откажуваат. Книга за луѓето кои ја гледаат светлината и во најтемните моменти на животот. Оваа книга е силно освестување за да се разбудиме и да не го земаме животот здраво за готово, туку од него да направиме искуство вредно за живеење, приказна вредна за споделување, живот по наша мера. Споделувајќи ги своите животни искуства, иницијациски предизвици, мисли и размисли, авторот ни раскажува како да се соочиме со парализирачкиот страв и со предизвиците што ни ги сервира животот, како да се справиме со луѓето кои нè повредуваат… Како да не се откажуваме од своите соништа, да го најдеме мирот и да направиме подобра верзија од себе. Правилото е едноставно. Ништо во нашите животи нема да се промени ако не се промениме себеси.