ЖивотУбави совети

Вистинското слушање има моќ на лекување – Ирина Николовска

Никогаш не ја потценувајте моќта на разговорот со личност која навистина слуша.

Нашата култура, не ги охрабрува луѓето да зборуваат за својата болка. Културата всушност ги учи луѓето да ги потиснуваат своите чувства. Луѓето често си велат меѓусебно да не се „жалат“ за проблемите, или да не остануваат во нив. Често слушаме и кажуваме „не се грижи“ или „биди силен/на“, што најчесто значи – „не го чувствувај тоа што го чувствуваш, а ако го чувствуваш, тогаш не зборувај за тоа или не го покажувај.“

Пример за ова е кога одредени емоции не се сметаат за соодветни. Така, агресијата, особено за мажите, е многу повеќе прифатлива отколку тагата или ранливоста. Затоа многу мажи, емоциите како тага, осаменост, разочараност, страв, вина или срам ги изразуваат на начин кој изгледа на агресија. Нездравите механизми на справување – злоупотреба на алкохол, супстанци или зависност во однесувањето (како секс, коцкање и сл.) се користат за да се намалат ваквите чувства. Тие нудат некакво привремено олеснување, но кога стануваат шема на однесување, го нарушуваат здравјето, функционалноста и силата на личноста.

Повеќето луѓе, кога се чувствуваат вознемирено, она што им помага е разговор со личност која слуша трпеливо, без осудување, емпатично, или која покажува разбирање на едно подлабоко ниво. Постои нешто фундаментално во начинот на кој луѓето реагираат кога го добиваат овој едноставен, но вешт начин на одговор кога зборуваат за својата емоционална болка.

Во оваа смисла, и депресијата не е поразлична од било која друга емоционална болка. Така, ако оние кои се чувствуваат депресивно зборуваат за тоа со добар слушател, би имало многу помалку депресивни луѓе – веројатно дури и помалку луѓе кои користат антидепресиви.

Човековиот контакт оди рака под рака со разговорот. Сите ние имаме потреба од луѓе кои ни се насмевнуваат, кои се топли со нас и кои не допрат до нас на начин кој е пријателски и соодветен. Топлиот, грижлив човечки контакт е од суштинско значење за живото и развојот на луѓето.

И покрај базичното значењето на ваквиот контакт, многумина живеат брзо, зафатено, разделено, осамено… Како резултат на тоа, многу луѓе ја кријат својата болка и ранливост, создавајќи уште поголема изолација. Иронично, потиснувајќи ги чувствата и преку депривација на тополиот човечки контакт, се создава уште поголема подложност на депресија, а со тоа и мислење дека треба уште повеќе да се сокриваат ваквите чувства.

Ако се чувствувате депресивно или сте во емотивна болка, потрудете се да најдете личност која ќе ве ислуша без осудување. Разговарајте со него/неа без за сè она што сериозно ве загрижува, и продолжете со разговорот сè додека не почувствувате олеснување. За ваков вид разговор може да ви помогне и стручно лице психолог – психотерапевт. Си должите на себе си да сторите сè што е потребно за да ја превенирате депресијата и нејзиното влошување. Ваквата помош навистина е многу едноставна (иако не секогаш лесна) и исто така многу значајна за нас.

Ирина Николовска – Психолог, Интегративен и Гешталт советник.

 

Поврзани статии

Back to top button