Без љубов плановите не би имале смисла…
Постојано се плашев длабоко во себе дека ќе го изгубам, дека не сум достојна за неговата љубов. И се остварија моите непосакувања и стравови. Тогаш кога стравот дека љубената личност ќе нѐ остави ќе го победиме во себе и ќе почнеме да живееме за денес, тогаш ние вистински љубиме. Тогаш кога иднината наместо амбиција и планирање кон перфекција ќе биде неоптоварување, тогаш почнуваме и да живееме. Вистински да живееме. Ако ве обвини вашиот љубен дека немате планови за иднината, дошепнете му дека сте само пион на недоискажаното. Проклетство од човек. Трагичен пророк по смислата на животот. Планираме едно, а излегува сосема нешто друго. Колку повеќе ги заплеткуваш своите мисли кон перфекционизам, толку побрзо бегаш од прекрасното, а се заљубуваш во совршеното. Ти вистински не љубиш. Совршенството не постои, дури ни совршенството не би можело да се создаде во нашите мисли, зашто тие и покрај тоа што се шарени, пак им фали некоја нијанса за да бидат совршени. И секогаш ќе им фали, дури и кога ќе им додадете уште една нијанса. Затоа љуби го прекрасното, она што го гледаш пред тебе, она што го допираш, она што ти шепоти ‘те сакам’, она што бие под градите на кое заспиваш, оние усни кога те пробудуваат, а ти токму тоа многу го мразиш. Сонот е најсладок наутро, но убавината на утрото е непроценлива, а и волшебно е кога вистински љубиш. И пак планови, и повторно излегува сосема нешто друго. Без љубов плановите не би имале смисла.
Александар Алексов