Ако не си ти
Доближи се слико на светот од едниот до другиот крај
и по бојата на твојот фустан ќе погодам
како ќе изгледа времето.
Инаку во чија глава би ме темнело
и во чија соба би ме разденувало,
ако не си ти.
Зборот мој внесува поголем простор во помалиот
и јас постојам само онаму кај што и ти постоиш.
Оти никогаш досега не сум поминал
онаму кај што ти не си била.
Затоа не знам кого би го мразел и кого би го сакал,
ако не си ти.
Навечер ја вадам мојата куќа од твојата куќа
и светлото на инсектот од незнајните гласови
што ги `рѓосуваат машините во пчелите.
И пак не знам каква ракија би пиел
и кој со мојот сон би спиел,
ако не си ти.
Што не може да каже земјата му го порачува на растението,
додека јас со туѓо лице те пронаоѓам,
а со твоето те губам.
И додека насекаде се распрашувам
на кој крај од светот
би се разминувале денот и ноќта,
ако не си ти.
Доближи се како цветот што има корен на небото
и по бојата на твојата уста ќе погодам
во кој овошен плод ќе заврши летото.
Инаку кој дури зборува ќе го отвара кафезот
за да ја пушти птицата што го збогатува воздухот,
ако не си ти!
Петре М. Андреевски