Три книги кои вредат да бидат прочитани
Време е за добра книга. Читајте секаде и секогаш, оти книгите се богатство, богатете се!
Невидлива убавина (Ејми Хармон) Емброуз Јанг е прекрасен. Висок и мускулест, со коса што малку му ги допира рамениците и очи кои горат, те прободуваат. Од оној тип убави мажи чии фотографии завршуваат на кориците на љубовните романи. Ферн Тејлор најдобро знае затоа што таа чита такви романчиња уште од тринаесет години. Но токму затоа што е толку прекрасен, Ферн го смета за некој кој никогаш не би можела да го има… сè до моментот кога, тој одеднаш не е прекрасен веќе.„Невидлива убавина“ е приказна за еден мал град каде петмина млади мажи заминуваат во војна, а само еден од нив се враќа назад. Приказна за загуба – колективна загуба, индивидуална загуба… Изгубена убавина, изгубени животи, изгубени идентитети. Приказна за љубовта на една девојка кон скршено момче и љубовта на еден ранет војник кон сосема невпечатлива девојка. Ова е приказна за пријателство кое ги лечи сите болки, хероизам кој ги побива сите општи дефиниции и модерна приказна за Убавицата и ѕверот, која ни покажува дека има по малку убавина, но и по малку и од ѕверот, во секој еден од нас…
Во одбрана на Џејкоб (Вилијам Лендеј) Енди Барбер е страшно почитуван јавен обвинител во нивниот мал град, непобедлив во судницата и среќен во својот дом со својата сакана сопруга и нивниот син, Џејкоб. Но кога грозоморно злосторство го потресува нивниот град, Енди е затечен неподготвен од она што се случува следно: неговиот четиринаесетгодишен син е обвинет за убиство на друго дете, соученик од неговото училиште. Секој родителски инстинкт кој Енди го има му вели да си го заштити детето. Џејкоб ги уверува своите родители дека е невин и Енди му верува. Енди мора да му верува. Тој му е татко. Но како што на површина почнуваат да излегуваат осудувачки факти и шокантни откритија, така бракот на Енди почнува да се распаѓа, а судењето да станува сè пожестоко и Енди сфаќа колку малку знае еден татко за својот син. Наспроти онаа во судот, во Енди се води уште една битка: помеѓу лојалноста и правдата, помеѓу минатото кое се обидува да го скрие и иднината која не може да му ја обезбеди на својот син единец.Правен трилер кој ќе ве остави без сон, ќе ве натера да седите на работ од столчето и да ги гризете ноктите. Ако не ја прочитате оваа книга, само вие губите…
Патниците (Џон Марс) Замислете дека се возите во кола која управува самостојно, кога одеднаш вратите се заклучуваат, рутата автоматски се менува и ја губите целата контрола над возилото. И тогаш, преку звучниците, мистериозен глас ви вели: „Наскоро ќе умреш“. Баш кога светот конечно почнува да добива сè поголема доверба во возилата кои управуваат сами, осум лица се наоѓаат во страшна ситуација кога нивните автономни возила се хакирани и добиваат програмски насоки да се судрат во една точка за одредено време. Кој од патниците ќе преживее, а кој ќе умре, одлучуваат гласачите од социјалните мрежи. Патниците кои во моментот се возат во возилата се: телевизиска ѕвезда, трудна млада жена, онеспособен пензиониран воен херој, жртва на семејно насилство која бега од својот насилен маж, илегален имигрант, двајца сопружници кои се родители на две дечиња и патуваат во две различни возила и еден суицидален маж. Преку камери скриени во нивните возила, милиони ширум светот ја следат нивната паника. Јавноста треба да гласа и да пресуди кој од нив треба да преживее, но со секоја следна страница сфаќаме дека ниту еден од патниците не е она што се претставува на почетокот…