Рецепт за убав ден на Ангела Пенова
Младата и амбициозна авторка Ангела Пенова се дружи денес со вас во рубриката “Рецепт за убав ден”.
Откако свесно почнав да работам на своето психичко здравје, денот е посветол, а луѓето околу мене изгледаат позитивни и насмеани.
Се водам со мантрата со каква енергија зрачиш, таква енергија и привлекуваш.
Низ целиот хаотичен и брз начин на живот, исполнето секојдневие и обврски, секогаш пробувам да издвојам квалитетно време за себе и своите сакани.
Како инспиративна личност, најчесто ги црпам поуките од негативните дејствија со кои се соочувам низ секојдневието, и тие одлично изгледаат на лист хартија. Убаво е кога извлекуваме нешто позитивно на крајот од денот.
Немам посебно време од денот во кое работам на своите романи, сето тоа е спонтано и навикната да сум да креирам време за себе онаму каде што е невозможно.
И кога вечерта ќе дојде, секогаш си ги набројувам макар и трите добри работи кои ми се случиле дента, а најомилени ми се оние малите. Вечерта ја поминувам со своите мисли, има нешто во ноќта која го вади тоа од мене.
И секогаш си повторувам себеси дека морам да работам на себе секојдневно, бидејќи со тоа тело и ум ќе живееме засекогаш, а одлично би било да е убаво место за живеење.