Промоција на „Цепај сине“ нова книга од Зоран Спасов-Ѕоф
На 25 октомври, во 20 часот, во „Станица 26“, ќе се случи интергалактичка промоција на новата книга „Цепај сине“ од авторот на бестселери „Зоран Спасов-Ѕоф“. Во улога на водител ќе го видиме Александар Микиќ, а за убавата атмосфера ќе се погрижат специјалниот гостин Драган Мијалковски и групата „The Ringtones“.
„Цепај сине“ е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Се работи за толковен заебантски речник во манирот на претходната книга на Зоран Спасов-Ѕоф – „Џабе живиш у Скопје“.
Како што вели авторот во описот на книгата: „Стануе збор за еден цепенковистички зборник што кај читателот треба да побуди шегобијни чу’ства, осеќаји, сенсои и филинзи. Ќе прочитате ствари што нит’ сте ги чуле нит’ сте ги виделе. За некои ќе треба да ги прашате вашите родители, доста од нив не постојат ни на ’Гугл‘, а најголемиот дел се непознати чак и за Институтот за македонски јазик. Но, едно е сигурно – или ќе ’цепате‘ или (нема да) живеете“.
Во оваа книга се застапени две илјади поими, изрази и фрази што на шеговит начин ги претставуваат нашите хумор и менталитет. Целта на авторот е да го реактуализира скопскиот јазик и кај читателите да разбуди некои одамна заборавени чувства.
Средствата од продажбата, како и досега, Зоран Спасов-Ѕоф ќе ги донира во хуманитарни цели.
На оваа ѝ претходат уште пет хит-книги: „Џабе живиш у Скопје“, „Торонто експрес“, „Тито, мојот претпоследен херој“, „Некогаш, некаде“ и „Тибам штркот“.Промоција на „Цепај сине“ нова книга од Зоран Спасов-ЅофПромоција на „Цепај сине“ нова книга од Зоран Спасов-Ѕоф