Рецепт за убав ден на Јована Матевска Атанасова
Авторката Јована Матевска Атанасова денеска го раскажува својот рецепт за убав ден за читателите на www.ubavo.mk
Денот го започнувам со афирмација, бидејќи афирмациите се појадок за духот. Најчесто тоа е нешто што сакам да го постигнам во текот на денот, значи нешто достижно, но се случува да си поставам цел за да ја извежбам еластичноста на амбициите. Првиот физички контакт ми се прегратката и бакнежот со ќерките, дури и кога сум се разбудила пред нив. Има нешто магично во мирисот на детската коса, можеби дамнешно сеќавање на унијата која ја претставувале мајката и детето. Како да добивам живот во видео игра! Ранобудник сум, а посакувам да можам да се излежувам во кревет до доцна. Сѐ уште сум „stay at home mom“ или еуфемизмот за невработена и откако ќе го испратам сопругот на работа, се посветувам на домашните обврски, но не изоставам да чкртнам неколку странички, затоа што секој ден што ќе помине макар и без минимална продуктивност го сметам за пропаднат. Музиката е мој дневен допинг, па секогаш ја има во некаква форма и од некој уред без разлика што и да правам.
Кафе не пијам на гладно, правило што го почитувам од полнолетство. Сакам да го разбудам телото на најдобриот начин, неретко со лимон и млака вода, одличен избор да се алкализира организмот. После половина час од оваа имунолошка бомба појадувам нешто лесно и задоволително. Кафето ми е најголема сатисфакција во последниот период, иако да бидам искрена, го пијам од на нога. Кај мене книгата и телефонот одат во пар. Прошетката во природа е неизбежна, бидејќи заедно со децата живеам уште едно детство и се радувам на ситните нешта што го разубавуваат животот, а покрај нив гледам да ги вметнам и моите родители за да не заостане трансгенерациското воспитување. Тогаш и се инспирираме за приказните за добра ноќ. Чудо е каква „perpetuum mobile“ машина е детската фантазија.
Ако сум крајно изморена „се докрајчувам“ со книга, а доколку има шанси да си го надминам уморот пуштам филм. Никогаш не мислев дека документарците ќе ми станат приоритетни на листата. И како и сѐ во природата, вечната геометрија на кругот, повторувам наназад. Гледам последната мисла или слика пред да заспијам да биде нешто позитивно и ветувачко. Подобро е да оживее желба во сонот отколку кошмар за неоствареното.