ИнтервјуаУбави луѓе

Интервју со Мерима Махмутович: Еден од најголемите предизвици како фотограф е кога клиенти не ја ценат услугата

Мотивирачки разговор со Мерима Махмутович, позната под псевдонимот Himerliks млада, амбициозна и трудољубива девојка која професионално се занимава со фотографија но е актуелна, активна и влијателна на социјалните мрежи Инстаграм и Јутјуб. 

  •  Што те инспирираше да почнеш да се занимаваш со фотографија?
    Љубовта кон фотографијата ја наследив од татко ми. Кај и да одевме, тој секогаш го носеше апаратот и секогаш гледаше да улови убави моменти. Некои од тие моменти ги паметам и ден-денес, и од таму ми дојде желбата да го продолжам тоа што тој го правеше. Почнав како чирак уште на 14 години, учев и експериментирав, и до денес фотографијата ми стана нешто без што не можам.

 

  •  Дали имаш омилена тема или стил во фотографијата?
    Јас сум малку специфична кога станува збор за фотографијата и обожавам да имам слободен ум. Сè што ми го привлекува вниманието, што е шарено и уникатно, веднаш ми станува инспирација. За мене фотографијата е многу повеќе од само слика – ја гледам како емоција, како начин да се зачува моментот и да се пренесе приказна што зборува без зборови.

 

  • Како ги одбираш локациите за твоите фотосесии?
    Локациите за моите фотосесии ги бирам интуитивно. Сакам места што носат емоција, имаат интересна енергија или уникатни детали. Понекогаш тоа може да биде нешто едноставно како уличка со шарени ѕидови, а понекогаш природа што сама по себе инспирира. Важно ми е локацијата да се поврзе со приказната што сакам да ја доловам со фотографијата.

 

  • Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како фотограф?
    Еден од најголемите предизвици како фотограф е кога клиенти не ја ценат услугата. Пред фотосесијата се чини дека сè им одговара, но после, одеднаш цената станува ‘проблем’. Покрај тоа, времето често знае да биде предизвик, особено кога фотографираме на отворено – дожд, ветер или премногу силно сонце можат да влијаат на целокупната сесија. Но, со тек на време научив дека и овие моменти се дел од процесот и дел од растот.

  • Како успеваш да одржиш баланс помеѓу креирање содржини за себе и за брендовите со кои соработуваш?
    Одржувањето баланс помеѓу креирањето содржини за себе и за брендовите со кои соработувам е предизвик, но со добра организација, сè е можно. Кога работам за брендови, се обидувам да ја внесам и мојата креативност, за содржината да има личен печат. Од друга страна, си оставам време и за мои лични проекти, бидејќи тоа ме потсетува зошто ја сакам фотографијата и ме одржува инспирирана. Балансот го наоѓам со тоа што ги поставувам приоритетите и си оставам простор за креативна слобода.

 

  • Како се справуваш со критиките или негативните коментари на социјалните
    мрежи?
    На негативни коментари гледам сосема опуштено. Повеќето ми се смешни и не ги сфаќам сериозно. Јас сум ја одбрала оваа работа и свесна сум дека секогаш ќе има луѓе со различни мислења. Не се лутам никому, си гледам своја работа и уживам во тоа што го правам.

 

  • Што, според тебе, е клучно за успешна Instagram стратегија? Според мене, клучно за успешна Instagram стратегија е автентичноста. Луѓето сакаат да видат реалност, лични моменти и искрени приказни, а не само перфекција. Покрај тоа, важно е конзистентноста – редовно објавување со содржини кои се интересни и релевантни за публиката. Не треба да се заборави комуникацијата со следбениците – интеракцијата, одговарањето на пораки и коментари гради доверба и лојалност. И најважно од сè – секогаш додавај свој личен печат и уживај во процесот.

 

  • Како ја одржуваш креативноста и мотивацијата во секојдневната работа?
    Јас не снимам секој ден – има денови кога се чувствувам без инспирација, а периоди како јануари ми се посебно тешки и депресивни. Но, тогаш тука е мојата другарка, Мејрема, која е исто како мене – позитивна, полна со енергија и секогаш подготвена да ме охрабри. Се слушаме секој ден и таа ми е огромна поддршка. Мислам дека секој треба да има вакво пријателство и другарка што ќе те потсетува дека секој ден е нова можност.

 

  • Што би им препорачала на оние кои сакаат да станат инфлуенсери?
    Им препорачувам да бидат искрени и да останат свои. Инфлуенсер не значи само бројки, туку имање вистински врски со следбениците. Не правете ништо само заради популарност – следете ја својата страст, споделувајте нешто што ве прави среќни и што ве инспирира. И не заборавајте дека успевањето бара време и упорност, па затоа нема брзи решенија. Важно е да верувате во себе и да се обидете да го донесете својот уникатен поглед на светот на социјалните мрежи.

 

  • Каков е твојот типичен ден како фотограф и инфлуенсер?
    Мој ден почнува со шолја чај затоа што сум на диета и морам да ослабам. Во тековниот период се трудам да патувам повеќе, но ако прашаш за еден вообичаен ден, тој започнува така што прво одам на работа, бидејќи освен фотографија, имам уште една работа односно приватна фирма во која работам.

 

  • Кога почна твоето патување како инфлуенсер и какви предизвици си среќавала на почетокот?
    Моето патување како инфлуенсер почна некаде во март-април минатата година. Почнав да снимам и веднаш ми се допадна! Почнав да објавувам се почесто и видев дека луѓето веднаш почнаа да ме сакаат. Брзо добив повеќе следбеника отколку што сум очекивала, што беше навистина мотивација да продолжам.

 

  • Како избираш брендови со кои соработуваш и што за тебе претставува добра соработка?
    Кога брендови нудат соработка, прво размислувам дали нивниот производ или услуга одговара на мојот стил и интереси. За мене, добра соработка не е само финансиски аспект, туку важно ми е и дали производот можам искрено да го препорачам на моите следбеници. Важно е и како брендот комуницира со мене, дали се отворени за идеи и дали може да се изградат долгорочни и искрени односи.

 

  • Кој е најинтересен момент од твоето патување како инфлуенсер кој би го истакнала?
    Најинтересен момент од моето патување како инфлуенсер беше кога започнав да примам први понуди за соработки од брендови. Тоа беше потврда дека мојот труд и вложено време да растам и создавам квалитетни содржини не се занемарени, и уште повеќе, беше поттик за да продолжам да се развивам. Беше прекрасно чувство кога го видеh ефектот на мојата работа и како тоа влијаеше на мојата заедница.

 

  • Кој дел од твојата работа како инфлуенсер ти е највозбудлив и кој најтежок?
    Ништо ми не е тешко, бидејќи кога нешто работиш со љубов, сè станува полесно. Целото мое патување како инфлуенсер ми е возбудливо и уживам во секој момент.

 

  • Што те мотивираше да започнеш со креирање на видеа na УТ и дали во почетокот ти беше тешко да се одлучиш да ги објавиш?
    Јас сум личност која многу порано гледала и вртеала YouTube, и многу ми се допадна што YouTuber-ите споделуваат различни искуства. Како поединец, чувствував дека имам многу што да споделам со другите. Сакала сум да започнам уште пред 4 години, но сега, конечно, стигнав до тоа да направам свој канал и да започнам со креирање видеа.

 

  • Каква беше поддршката од твојата околина кога реши да се посветиш на YouTube и дали беше охрабрена или сомничаво гледана?
    Поддршката од мојата околина беше разнолика. Некои од пријателите и семејството беа охрабрени и ги поддржаа моите амбиции, додека некои се гледаа со сомнеж. Но, како и да е, знаев што сакам да направам и тоа ми беше доволно да продолжам. Сега, кога видеа започнаа да растат, и тие со сомнеж почнаа да се радуваат на мојот успех.

 

  • Како балансираш помеѓу личниот живот и креирањето содржини за YouTube? Дали понекогаш е тешко да најдеш време? Балансирањето помеѓу личниот живот и креирањето содржини за YouTube понекогаш не е лесно, но се трудам да организирам времето така што ќе најдам баланс. Секогаш е тешко да најдам време, особено во периоди кога има многу работа, но свесна сум дека добро организирање и поддршка од околината е клучно. Иако понекогаш е напорно, уживам во создавањето содржини и затоа сум мотивирана да се справам со предизвиците.
  • Како ги планираш темите за своите видеа? Дали нешто што те инспирира во моментот станува твоја тема за ново видео?
    Темите за своите видеа ги планирам така што најчесто се темелат на она што ми се случува во моментот. Во последно време многу патувам и тоа ме инспирира. Секоје патување има своја приказна, а имам 4 необјавени видеа кои ќе излезат во овој период. Останете и гледајте!
  • За крај, твојот рецепт за убав ден е?
    Мојот рецепт за убав ден е едноставен – започни го со здраво пиење, внеси здрава храна и не заборавај да си посветиш време на себе. Позитивен став и опуштање се клучни за добар ден.

Поврзани статии

Back to top button