ИнтервјуаУбави луѓе

Александра Бела: Човек сум кој сака предизвици и верувам дека токму тие непознатите и навидум тешки работи, пред нас, нѐ прават подобра верзија

 

1.Како започна твојата кариера во медиумите и што те привлече кон телевизиското новинарство?
– Мојата кариера започнува во радио. Веднаш по дипломирањето, патем, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ правни студии, а не новинарство. Го забележав огласот дека бараат радио водител на „Студент ФМ“ и се сеќавам, без грам размислување пратив порака: „Дали огласот важи за тукушто дипломирани студенти?“. Веднаш добив повратна порака да појдам на разговор. Почнав одма, но да појаснам, тоа не беше класично вработување, туку не обучуваа, имавме можност да се пуштиме во етер, водев утринска програма, ја имав првата ако не и единствената модна емисија на радио, правевме дневни прилози и за тоа добивавме хонорар. Таму се задржав три и пол, прекрасни години.

2. Кои се најголемите предизвици со кои си се соочила како водителка?
– Имало многу. Секое појавување во живо е нов предизвик. Би го издвоила првото вклучување во живо, како репортер на „Нова ТВ“, требаше да се јавам во вести за да информирам дека има пожар на една скопска локација. Паметам дека пред да почнам да зборувам во програма имав една кнедла во грлото и се плашев дека ќе ми снема глас. За среќа се помина глатко и без проблем. Овде можам да го споменам и првото појавување на Алфа Телевизија како водител во студио на двочасовна програма во живо. Засекогаш ќе ѝ бидам благодарна на, мојата сега драга пријателка, Ирена Спировска што тогаш во мене препозна квалитет и побара да ја заменам. Паметам, требаше да ја водам празничната емисија на Илинден и Ирена толку самоуверено рече: „Ќе влезеш ти и ќе можеш“. Се чудев како оваа жена толку верува во мене. Како вчера ми е кога ме седна и ми даде таков силен ветер во грб што чинам уште го чувствувам.
И првото појавување на „Везилка“ во студио го чувствував како голем залак, се подготвував неколку денови бидејќи сакав да бидам на висина на задачата. Емисиите во коишто има повеќе соговорници од различни профили бараат многу енергија и концентрација.
Би сакала да го споделам и моментот кој се случи летово, ја имав честа да бидам водител на манифестацијата Денови на кочанскиот ориз кога се обратив пред бројна публика. На овие живи настапи имате програма, но постои и простор за импровизација бидејќи те понесува публиката пред тебе, но мора да имате на ум дека одговорноста е голема.
И последен предизвик беше мојот трансфер во „Слободен печат“. По шест години комфорна зона понудата да бидам секој ден на утринска програма, во живо, секое утро да треба да подготвам најнови вести, на почетокот ми изгледаше како карпа, станував многу, многу рано за да постигнам сѐ. Конкретно подготовката на вести за мене беше нешто непознато, бидејќи дотогаш сум немала таков ангажман. Бидејќи сум човек кој сака предизвици и верувам дека токму тие непознатите и навидум тешки работи, пред нас, нѐ прават подобра верзија, се обидувам да ги надминам.

3. Дали имаш омилен момент или гостин од твоите емисии што особено ти оставил впечаток?
– Ова е тешко прашање, секој гостин е посебен на свој начин, но ако треба да истакнам имиња на личности со кои сум имала чест да разговарам тоа би биле, сопругата на словачкиот амбасадор госпоѓата Жанет Маркушова, која се охрабри кај мене, за првпат пред јавноста, да зборува за тоа дека е онколошки пациент, интервјуто со Кристофер Окиконе, американски фоторепортер за војната во Украина, недоамнешниот, длабоко емотивен разговор со Сузана Турунџиева, ќе ја искористам приликата да го споменам мојот нов проект „Мамавизија“ и да им се заблагодарам на сите што досега ја прифатија поканата да ги раскажат за првпат своите приказни коишто не се ни малку лесни, па така има и по некоја солза, како и интервјуто со Игор Џамбазов посветено на неговата мајка Анче Џамбазова, интервјуто со амбасадорот на Словенија господинот Грегор Прескер, серијалот „Жителите на ЗОО Скопје“ кој ми е посебно драг бидејќи со овој проект оставивме еден траен белег за една важна скопска институција, овие епизоди уште долго ќе сведочат за нашите сожители во главниот град, тука е и серијалот во соработка со библиотеката „Браќа Миладиновци“ насловен „Ја подигнуваме читачката култура“, еден многу интересен проект кој откако ми кажаа какви резултати вродил ме направи многу среќна. Теренската работа за „Везилка“ каде што минимум еднаш неделно се патуваше низ убавите краишта на Македонија ќе ми остане како една топлина на душата, од овие напорни работни патувања, кога буквално цел ден си на нозе, запознав многу луѓе од истокот, западот, северот и југот на татковината. И да ви кажам нешто, секаде бевме пречекани како дома. Прилозите ги правев од душа, оти не со факти и историски откритија, со емоции сакав да раскажам колку ни е убаво дома.

4. Телевизискиот свет постојано се менува – како Александра се адаптерите на новите трендови?
Се обидувам да се носам со трендовите и новитетите во нашата професија. Сум била дел од неколку новинарски обуки, ги следам светските медиуми, читам за новинарството и гледам документарни програми со таа тематика, периодов на тој начин се надоградувам.

5. Кој совет би му го дала на некој што сака да започне кариера во телевизиското новинарство?
Да биде храбар/а и упорен/а, да не се плаши да погреши, бидејќи на тој начин учиме. Да не дозволува да го повредуваат лоши коментари, туку од нив да изнаоѓа лекција, а на крај најважното, да бара совети од повозрасните колеги, да учи секојдневно и да се надминува себеси!

6. Дали постои некој кој ти бил идол или голема инспирација во медиумите?
Идол не би рекла дека сум имала, но сум им се воодушевувала како дете на Бранка Станковска, Билјана Дебарлиева… Можеби на некој начин, потсвесно, и биле моја инспирација за да посакам да работам како водител и покрај тоа што не сум го гледала никогаш тоа така, мислам дека едноставно од кога знам за себе сакав да бидам водителка. Се сеќавам дека кога бев многу мала ја доближував масата до прозорецот, ставав икебана, од другата страна седнував на стол и во одблесокот се гледав додека читав вести од весник, прозорецот ми беше мојата публика. Отсекогаш сакав да работам на телевизија.

7.Како успеваш да ја одржиш својата енергија и позитивен дух пред камерите?
Ви благодарам доколку го мислите тоа за мене. Јас кога ќе се вклучи камерата добивам чудна енергија и го сакам чувството дека можам да споделам со некого нешто корисно, убаво, важно, забавно… Секогаш си замислувам публика пред себе, јас не гледам камера, пред мене „гледам“ луѓе кога се обраќам на камерата. Затоа и посебно уживање за мене се приликите кога зборувам на сцена пред голема публика.

8.Како се справуваш со критиките и предизвиците во јавниот живот?
Понекогаш стресно, понекогаш низ смеа. За среќа имам сопруг кој ми е најдобар пријател, мајка и сестра најдобри пријателки, па имам кому да се пожалам, споделам кога постои некоја ситуација која ми го раздразнила денот и направила да се чувствувам лошо. Сѐ се надминува со текот на времето и сѐ повеќе сфаќаме дека здравјето ни е најважно од сѐ, па сѐ останато треба да го подголтнеме како залетната прашинка.

9.Што ти е најважно кога интервјуираш гости – дали претпочиш лесни или провокативни прашања?
Најважно ми е соговорникот да замине задоволен по разговорот, и кога го велам ова го мислам сериозно. Сакам кога ќе ги изненадам гостите со нешто што не го очекувале дека го знам за нив. Кога се работи за посериозни теми, политички интервјуа, сакам добро да се подготвам, понекогаш читам со денови за некоја тема. Не ги карактеризирам прашањата на лесни и провокативни, бидејќи знаете понекогаш и од едно навидум едноставно прашање „како си?“ може да излезе бомбастичен одговор, се зависи кому го поставувате. Најважно е да ги одберете вистинските прашања за да ги добиете вистинските одговори.

10. Како изгледа еден твој типичен ден кога не си пред камерите?
Спокојно. Прво, сакам добро да се наспијам и покрај тоа што во последно време и кога не сум на работа станувам пред 8, но друго е 8, а друго е 6, нели?! Во слободните денови дел од времето го поминувам во домашни активности, диплење алишта, чистење, но тоа не е интересно, поинтересно е што сум филмоман, што би рекла сестра ми, тогаш гледам многу филмови, серии, читам книга, ако е убаво времето некоја прошетка, живеам во близина на Водно тоа е благодат. Кога имам слободни часови тоа значи и можност за средба со најблиските и пријателите. Со сопругот спонтано си наметнавме тренд, речиси секој петок одиме во кино и тоа ни стана некоја рутина за убаво заокружување на работната недела. Понекогаш слободните денови се испланирани и за подалечни прошетки, некаде покрај вода, каде што најдобро се полнат батериите.

11. Кои се твоите омилени начини за релаксација после напорен работен ден?
Пешачење во комбинација со добра музика. Смеење со другарка. Дружење со мајка ми. Посета на театар и опера, кога чакрите ви се отвораат и серотонинот и допаминот си прават журка. И како што споменав пред малку добар филм и книга.

12. Дали постои нешто што јавноста не знае за тебе, а би сакала да го споделиш?
Дека не сум утрински човек, а цела кариера ми помина на утринска програма (хаха)

13. Дали подготвуваш некој нов проект или емисија што публиката може да ја очекува наскоро?
Веќе започна новиот проект на „Слободен печат“, емисијата „Мамавизија“, се надевам ќе одвоите време да ја ѕирнете на јутјуб. Се работи за простор каде што мајката е ставена на пиедестал, на оваа платформа нашите гости, ако се мајки раскажуваат за својата приказна, се работи за специфични инспиративни ситуации, мајки кои родиле тројки, мајки на деца со попреченост, маќеа во улога на мајка, деца коишто растеле во дом со отсуство на биолошка мајка, мајки кои се соочиле со некакви проблеми, а овде ќе го споделат тоа. Приказни кои се надевам ќе бидат поткрепа и утеха. Во „Мамвизија“ зборуваме и за мајките на познатите личности, за мајки кои повеќе не се помеѓу нас, а не смееме да ги заборавиме. Ќе имаме гости кои се познати за јавноста, но добредојдени се и луѓе кои не се јавни личности, а имаат приказна за мајка којашто заслужува да биде раскажана. Ги охрабрувам сите што ќе се пронајдат слободно да ме контактираат.

14. Каде ја гледаш својата кариера во следните 5 години?
Хм, интересно, никогаш не сум го добила ова прашање ниту пак сум си го поставила сама на себеси. Еве, можеби со успешна петта сезона „Мамавизија“.

15. Кој е најсмешниот или најнеочекувани момент што ти се случил на програма во живо?
Имавме пред месец дена ситуација со снимателот во студио. Додека ја кажувам најавата тој се сопна и падна на земја, а јас помислив дека му се слоши. Бидејќи бев единствената во студио, природно ми дојде да им се извинам на гледачите и да тргнам да му помогнам. Ме снема неколку секунди во кадарот. Тогаш беше чудно, за мене и многу стресно, но потоа цел ден се смеевме со колегите за тој момент.

16. И за крај, твојот рецепт за убав ден е?
Рецепт за убав ден е започнат со добро утринско кафе, успешно поминат работен ден, ден во кој ќе слушнете некоја многу убава вест, ден поминат со најблиските пропратен со многу искрени прегратки, ден кога ќе ви легне плата.

Поврзани статии

Back to top button