Анета Трпчевска – Жената што ја претвори македонската традиција во современо уметничко дело

Во време кога брзата мода владее со светот, една жена одлучи да се врати кон корените и преку дизајн да ја раскаже приказната на Македонија. Анета Трпчевска е креативниот ум зад “Акреа” – бренд кој создава уникатни модни парчиња инспирирани од македонските народни везови и богатото културно наследство. Преку нејзините дела, минатото оживува во сегашноста, носејќи со себе душа, историја и идентитет.
Во ова искрено интервју, Анета ни открива како се раѓаат идеите, колку љубов има во секој детаљ и зошто традицијата никогаш не излегува од мода.
1. Како започна приказната зад брендот “Акреа”? Што беше иницијалниот мотив да создадеш нешто инспирирано од македонското културно наследство?
Идејата и желбата постоеја одамна поттикнати од љубовта, почитта и интересот кон културното наследство, уметноста и традицијата. Кога се создадоа можности и кога се поврзаа сите коцкички од мозаикот наречен Акреа, започнав со реализација на идејата.
Концептот е инспириран од мотиви од нашето културно наследство, традиција и уметноста, како што истакнав, поттикната од љубовта кон наследството. Во создавањето на концептот, значајно влијание имаа стручноста и работните искуства стекнати низ годините.
2. Како го избра името „Акреа“ и што значи за тебе?
Зборот Акреа потекнува од стар-античко македонски јазик. Го открив случајно и совршено се вклопи во приказната. Зборот како и самиот концепт ја слави женската енергија, нејзината вештина, силата, убавината и љубовта.
3. Што најчесто те инспирира при дизајнирањето на парчињата? Дали имаш омилен симбол, вез или регионален мотив?
Ме инспирираат мотиви од раскошните везови на носиите, археолошките артефакти, древните обичаи, архитектурата. Инспирацијата ја наоѓам и во старите приказни, раскажувањата на предците, легендите, песните, книгите и фотографиите.
Моите најдраги дизајни се првите кои ги создадов и кои сега непланирано и неочекувано претставуваат еден вид на белег на брендот, тоа се Голема Божица Мајка од Тумба Маџари и Вез од Скопска Црна Гора, мојот омилен вез,фасцинантен и уникатен , едноставен а и толку моќен истовремено.
4. Колку време е потребно да се изработи едно уникатно парче и каков е процесот – од идеја до готов производ?
Времето за изработка на еден производ зависи од повеќе фактори.
Најпрво започнувам со избор на мотив од кој изработувам цртеж. Времето за изработка на цртежот зависи од сложеноста на мотивот. Мотивите ги стилизирам притоа без исклучок ја задржувам нивната автентичност и боите, само ги претставувам во нов, современ израз. Потоа цртежот графички се обработува, се изработува фајл кој е подготвен за аплицирање со помош на печатење. Некои од производите (чашите) ги цртам рачно. Додека се работи на цртежот, вршам избор и нарачка на материјали и бои, контакти со соработниците… Целиот процес не е ни малку едноставен, бара време, трпение, внимателност и посветеност
5. Како се одлучуваш кои везови или елементи од народната традиција ќе ги вметнеш во следната колекција?
Конкретно кај везовите, првиот момент кој влијае на одлуката за избор, е визуелниот, визуелниот впечаток, боите. Потоа приказната која се крие зад мотивот, сета мистичност која ја носи, тајните кои ги крие…Мојата замисла и желба да изработам дизајни од везовите од цела Македонија.
6. Колку е важно за тебе да се зачува и оживее македонската традиција преку мода и дизајн?
Огромно е значењето за зачувување на традицијата преку мода и дизајн бидејќи на еден нов, современ начин се доближува традицијата до секого. На таков креативен начин, традицијата станува по достапна, по видлива и прифатлива. Преку овој концепт, се поттикнува и запознавање со традицијата и културата.
7. Дали сметаш дека модата може да биде средство за културна едукација и пренесување на историјата?
Дизајнот нуди многу нови, современи и креативни можности за зачувување на традицијата и културата. Во овој контекст, сметам дека и модата може да биде современо, достапно средство за културна едукација.
8. Како реагираат луѓето кога ќе ги видат твоите производи? Дали има разлика во перцепцијата кај домашната и странската публика?
Реакциите се без исклучок позитивни, нескромно ќе кажам дека дизајните предизвикуваат воодушевување и изненадување. Особено впечатлив е спојот на минатото со современото. Уникатниот и креативен израз на културното наследство и традицијата.
Има разлики во перцепцијата кај домашната и странската публика од аспект на препознавањето на мотивите. Поголем број од домашните купувачи ги препознаваат мотивите ,познати им се податоците и нивното значење. Во спротивно пак странците се секогаш позитивно изненадени од приказните , податоците и значењето на дизајните. Особено ме радува што преку Акреа концептот се запознаваат со македонското културно наследство.
9. Кој е твојот најемотивен момент или повратна реакција од клиент што ќе го паметиш засекогаш?
За година ипол постоење на Акреа доживеав многу емотивни моменти, би почнала со тоа што за многу кратко време Акреа беше прифатена и препознаена , што за многу кратко време Акреа доби многу пријатели , тоа што создадовме големо Акреа семејство.
Како особено емотивни моменти кои премногу ми значат и сум исклучително благодарна, ќе ги издвојам реакциите и моментите споделени на базарите и настаните: “Ја обожавам Акреа”, “Добро е што постоиш”, “Овој концепт е единствен”, “Дојдов на базарот само за тебе”, “Се е толку прекрасно, не знам за што да се одлучам”.
Сите овие реакции за мене претставуваат голема мотивација и потврда дека го правам вистинското нешто.
10. Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како креатор на бренд што негува традиција?
Како најголеми предизвици ќе ги издвојам најпрво запознавањето со концептот, пласманот, самофинансирањето, отсуството на институционална поддршка.
11. Каква е твојата визија за “Акреа” во иднина? Дали планираш нови линии или проширување надвор од Македонија?
Плановите за во иднина се многубројни, нови дизајни, нови производи, нови техники на аплицирање на дизајните, сопствено продажно место.
12. Кој совет би ѝ го дала на млада жена што сака да започне сопствен бизнис базиран на традиција и креативност?
Секоја млада жена силно ја охрабрувам, поттикнувам и поддржувам да го следи својот сон, да верува во себе и својот сон и со многу љубов и посветеност да работи на остварување на истиот. Секој сон е возможен!
13. Што ти значи успехот – број на продадени парчиња, љубовта од публиката или нешто трето?
Уште пред да ја создадам Акреа,никогаш моите размислувања не беа дека доколку работам нешто свое ќе го работам само за финансиска придобивка, никогаш не бев водена од таква побуда и желба. Акреа ја создадов од големата љубов и почит кон нашето културно наследство и традицијата и сакав на еден креативен начин да го споделам моето знаење и искуство. Успехот никогаш нема да го поврзам со бројот на продадени парчиња туку со љубовта од пријателите на Акреа. Успех за мене е кога луѓето ќе ја препознаат љубовта и посветеноста вложени во се што претставува Акреа.
14. Што би им порачала на оние што првпат слушаат за „Акреа“? Зошто вреди да погледнат и почувствуваат дел од македонската душа преку твојот бренд?
Преку Акреа ќе го запознаат магичниот и импресивен код на македонската култура на уникатен, креативен, необичен и современ начин.