Рецепт за убав ден на Симона Ташева Крстовски

Таа е основач на креативното студио Креатив С дизајн, онлајн продавница за уметност и рачни изработки. Таа е млада и креативна мајка која своето хоби го има претворено во креативен бизнис вреден за внимание!
Мојот ден започнува со будење што не го бира будилникот, туку најнежниот глас на светот – гласот на мојата ќерка. Полусонлива, со коса разлетана и очи полни љубопитност, таа секое утро има исто прашање или забелешка, како мало потсетување дека денот не мора да биде совршен за да биде убав. Во тие неколку минути, додека се гушкаме и зборуваме, денот веќе има смисла.
Потоа следи утринската рутина – појадок, обврски, мали хаоси што доаѓаат со родителството. Но токму тие моменти ме учат на трпение и присутност. Додека таа расте, растам и јас, учејќи дека убавиот ден не се мери со тишина, туку со топлина.
Кога ќе дојде време за мене, денот полека се смирува. Кафето станува мој краток ритуал, а мислите се пренасочуваат кон создавање. Тука започнува мојот креативен дел од денот, местото каде што се роди и живее Creative S Design. Не како случајна идеја, туку како потреба да создадам нешто што ќе носи вредност и приказна.
Creative S Design е продолжение на мојата љубов кон деталите и желбата да работам со срце. Мотивацијата отсекогаш била мојата фамилија – тие се причината поради која не се откажувам, дури и кога е напорно. Сакав да создадам нешто што ќе биде пример дека со труд, љубов и вера во себе може да се изгради свој пат.
Во текот на денот, работата со дрво ме учи на трпение. Секој производ бара внимание, секој дизајн време. Тука нема брзање, затоа што убавите нешта се создаваат полека. Во Creative S Design не се прават само производи, туку спомени – подароци со значење, создадени за посебни моменти.
На крајот од денот, повторно се враќам таму каде што започнав – кај семејството. Убавиот ден не е оној без умор, туку оној во кој има љубов, смисла и чувство дека си направил нешто вистинско.
Мојот рецепт за убав ден е едноставен:
да започне со гушка,
да продолжи со креативност,
и да заврши со мир.
И утре, ќе започне исто.



