Рецепт за убав денУбави луѓе

Рецепт за убав ден на Наташа Јосифовскa

Денеска во рубриката “Рецепт за убав ден” се дружиме со Наташа Јосифовска позната на Инстаграм како Нате препорачува. Таа е креативна, амбициозна и млада дама која има супер интересен рецепт за убав ден.

Утрата ми се најубавиот дел од денот. Децата заминуваат во училиште и си го имам следниот час само за мене. Сопругот ми подготвува кафенце, чиста арабика, кратко и јако еспресо, во шолја нацртана од мене – Нате препорачува. Името на брендот настана случајно, по многу објави на Инстаграм за убаво облекување, некако спонтано се наметна и за моето ново хоби, со кое се занимавам веќе 1 година, цртање шолји за кафе.

Почнувам со организација на денот. Ги планирам нарачките кои секојдневно пристигнуваат. Најчесто купувачите бараат да бидат лични и персонализирани пораки напишани на шолја. Периодов ми се најбарани шолјичките за денот на вљубените, со што на убав начин преку шолја за кафе може да се изрази љубовта кон саканиот.
Најчесто ми нарачуваат жените, но знае и по некое момче да ми пише, да побара за љубената. Сакам кога не сум во трка со времето и затоа не брзам, со љубов, мир и спокој им пристапувам на работата и сигурна сум дека им ја пренесувам енергијата, бидејќи се враќаат купувачите повторно и се среќни и задоволни. Новитет во работата ми се и цртање на чинии за некој ваш настан. Пример темата може да ви е лимони, Италија,пролет итн. Ви ја уредувам целата маса со одредена тема со нацртани чашки, чинии, вазни. Најчесто користам весели бои и шарени мотиви, сакам на некој начин преку мојата работа да им донесам радост. Луѓето сакаат колоритно, сведоци сме дека светот во последно време губи боја, се околу нас е беж,кремасто,црно и бело..Секогаш имам сериозен пристап и сакам да ги распрашам за стилот моите купувачи, што им се допаѓа, да им го проценам духот..Имам таков пристап што прво ги прашувам какво кафе пијат, за да знам што да им понудам. Често кога ќе купат чашка знаат да споделат со мене слика, како знак дека сме го погодиле подарокот. Луѓето во нашата држава знаат да препознаат рачна изработка, сакаат лични, персонализирани и уникатни работи. Покрај работата со цртањето денот ми поминува и со обезбедување храна за мачиња и кучиња на голем дел од милениците во Македонија. Веќе 15 години успешно ја водиме фирмата Гудиес, која се бави со увоз на храна за миленици.

Во целата таа приказна се преплетени и моите две дечиња Срна(12) и Михаил(8) со нивните желби, барања и активности, кои со задоволство ги исполнивам и успевам да ги изменаџирам. За крај, мојот рецепт за убав ден е исполнетост кога се работи тоа во кое уживаме, но и важноста да имаме со кого да го поделиме сето тоа. Убав ми е денот ако луѓето кои ги сакам се покрај мене и се добро.

Поврзани статии

Back to top button