Рецепт за убав ден на Александра Огненовска

Во време кога светот сè уште учи како да ги слуша и разбере жените лидери, таа одлучно чекори низ бизнис светот со визија, посветеност и автентичност. Александра Огненоска не е само професионалец со богато меѓународно искуство – таа е глас на новата генерација жени што храбро ги рушат границите и отвораат патишта за другите.
Не сум веќе онаа што се „будеше тешко“ – сега само одложувам еднаш.
Годишните времиња сè уште не ме менуваат, ама сега јас ги менувам – во боите што ми одговараат на денот.
Прв чекор: Љубов, благодарност и малку потење.
Денот почнува без драма – туку со љубов. Љубов кон себе, кон оние што ги сакам, кон новиот ден. Додавам благодарност – не како поен за самодисциплина, туку како основа за радост.
И пред кафето – спорт. Телото ми вика „благодарам“ уште пред умот да почне со своите 100 идеи на час.
Втор чекор:
Брза проверка на животната сцена:
Што ми е денешната улога? Kреаторка, другарка, ќерка, уметница или сè одеднаш?
Шолја кафе во рака – тоа е тој мал ритуал што ме приземјува. Додека пијам, мислите се порамнуваат, а фокусот ми вели: „Ајде, маркетинг кралице, имаме светови за да освојуваме!“
Да, моментално сум фокусирана на маркетингот – таму ја терам креативноста да се изрази и во букви, и во кликови иако тоа не е замена за љубовта кон театарот.
Нема претстава, ама има живот. И нема публика, ама има публикација – на Инстаграм.
Трет чекор: Додај малку хаос.
Немој премногу да планираш. Нека остане простор за неочекуваното. Мал хаос е задолжителен – како зачин што не го гледаш, ама го чувствуваш.
Важно е да не се изгубиш во него – само да те размрда.
Сега веќе не го „метаболизирам“ животот – го вкусувам. Полека. Со желба. Понекогаш дури и го „ставам на пауза“, ако ми треба.
Четврт чекор: Промешај ги часовите со музика и спонтаност.
Деновите ми се преплетени со разговори, идеи, неочекувани инспирации. Некогаш тоа е нов проект, некогаш состанок, некогаш разговор со пријателка што трае пет минути, ама остава трага.
Музиката е саундтракот на сè тоа.
Петти чекор: Прифати ги и пријателите и „антагонистите“.
Секој што ќе влезе во мојот ден – е или сцена, или огледало. Од некого учам, со некого играм, некој ме предизвикува. А јас – режирам. Секој ден, нова сцена, нов текст.
Дури и кога нешто тргне наопаку – не се губи ништо. Само додај хумор. И ќе видиш како трагедијата се претвора во добра комедија.
Шести чекор: Пушти го денот сам да ја напише приказната.
Нема потреба секогаш да се има сценарио. Понекогаш импровизацијата е највистинитата уметност. Ако си љубопитна, искрена и отворена личност – денот сам ќе најде убав начин да заврши.
А ти – само потпиши со насмевка.
Совет за крај:
Знаеш дека си комплетно реализирана личност кога сфаќаш дека и кога нема аплауз – си ја одглумил најискрената верзија од себе.
Буди се со љубопитност.
Нахрани ја душата со убава мисла, раздвижи го телото, повикај ја инспирацијата… Ако нешто тргне наопаку, без паника – само додај повеќе хумор. Можеби ќе биде сцена за стендап, а не за драма. И тоа е сосема во ред.
И кога ќе си легнеш – не со маска, туку со мир.