Од васУбави муабети

Уживајте во сопствената благодарност – Василевска, психолог и образовен асистент за деца со посебни потреби

“Бидете благодарни”

Дали сме благодарни? Поставете си го ова прашање на себеси и сами ќе си го најдете одговорот. Ајде малку пошироко да ја разработиме оваа тема.
Благодарноста е чувство кое не прави посреќни, поисполнети и позадоволни. Доколку ние го поседуваме тоа чувство развиваме емпатија, им се радуваме и восхитуваме не само на нашите успеси и победи, туку и на другите околу нас. Меѓутоа не секој од нас е благодарен. За среќа благодарноста не е вродена, таа може да се научи, да се усвои преку домашното воспитување, секојдневните животни искуства и ситуации, па со труд секој од нас може да ја има како дел од себе, како позитивна карактеристика на личноста. Токму затоа најдете слободно време и искористете го истото за размислување за вашиот живот, и на тој начин ќе сфатите дека имате многу работи за кои треба да бидете благодарни. Треба да разберете дека секое нешто во вашиот живот си има своја вредност и токму затоа треба да цениме и да сме благодарни. Нашите животи се преполни со настани и чуда кои не инспирираат да бидеме благодарни и да му се радуваме на секојдневието. Исто така не смееме да заборавиме дека чувството на благодарност го храни нашиот мозок и го исполнува истиот со позитивни мисли. Токму затоа благодарноста нека биде ваша секојдневна рутина.
Уживајте во сопствената благодарност, бидејќи сите подеми и падови во животот ни овозможуваат да растеме и да се развиваме во уште поквалитетни личности. Исто така благодарноста ги зајакнува нашите афирмативни ставови кон нештата и случките во нашите животи.
Има многу работи во животот за кои треба да бидеме благодарни, првенствено тоа што се будиме секое утро здрави и живи, што имаме семејство кое неизмерно не сака и поддржува во се, а потоа за нашите професии, нашите работни места, одморите кои ги поминуваме со саканите, дружбата со пријателите и уште многу прекрасни моменти што се дел од нашите животи. Покрај сето ова многу важно е да знаете и често да го употребувате зборот благодарам, односно да се заблагодарите некому за нешто. Тоа позитивно влијае на вас и на другите околу вас, а истото можеме многу лесно да го направиме преку едноставните работи во знак на благодарност: подарување насмевка, прегратка, искажување љубов и сл. Меѓутоа не треба да бидеме благодарни само на убавите работи кои што ни се случуваат во животот. Треба да му се заблагодариме на животот и за негативните работи, бидејќи со нашата благодарност можеме да ги надминеме сите потешкотии и проблеми, односно на негативните ситуации во животот да гледаме од позитивната страна, а со тоа стануваме посилни личности. Имено благодарноста треба да ни стане навика и на тој начин ќе привлекува позитивни работи и успех во нашите животи, бидејќи придобивките од нејзиното практикување се речиси бесконечни. Благодарноста е корисна алатка за емоционално тренирање, ни овозможува полесно да се справуваме со нашите чувства.
Токму затоа бидете благодарни како за големите така и за малите нешта во животот, за предизвиците што ви ги носи и претворете ги истите во можности. Искажете им благодарност на луѓето кои ви значат преку посветување на вашето внимание, возвраќање на некоја услуга и сл.
Доколку сеуште сметате дека не ја поседувате особината благодарност мој совет како психолог е да ве насочам да пробате да водите дневник на благодарност во кој секојдневно или во зависност од вашето време на располагање ќе ги запишувате настаните и случките кои што ви се случуваат во животот и на тој начин ќе сфатите дека имате многу работи за кои треба да сте благодарни.

• Автор: Ангелина Василевска, психолог и образовен асистент за деца со посебни потреби.

Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button