Среќен и богат човек е оној кој чита
Книгите не прават побогати. Како духовно, така и во речникот. Среќен и богат човек е оној кој секогаш наоѓа време за добра книга.
Танцувај со мене (Сузан Елизабет Филипс) По долго време, легендарната Сузан Елизабет Филипс се враќа со емотивен роман за женскоста, дивите срца и исцелувачката моќ на љубовта. Кога животот ја разочарува по којзнае кој пат, младата вдовица Тес Хартсонг бега во мало гратче високо во планините Тенеси, надевајќи се дека во природата ќе успее да побегне од скршеното срце и да го најде мирот којшто ѝ е потребен за да си дојде на себе. Но наместо спокој и тишина, пронаоѓа енигматичен уметник кој исто така е во потрага по самотија, еден слободен дух со премногу тајни, едно беспомошно новороденче, група љубопитни тинејџери и град сомничав кон секој новодојденец, особено таквите тврдоглави како Тес. А подеднакво тврдоглав е и Иан Норт; комплициран, надарен маж со измачена душа – човек кој ја тера Тес да преиспитува сè. Бегајќи кон овој нов живот, Тес се прашува: дали целосно ќе се изгуби себеси… или ќе си ја пронајде иднината?
Пред таа да исчезне (Лиса Гарднер) Една обична жена нема да дозволи ништо да ја запре да ги пронајде исчезнатите луѓе кои остатокот од светот ги има заборавено.
Френки Елкин е просечна средовечна жена, зависничка од алкохол во фаза на лекување, со куп нешта во животот за кои се кае. Но сега го поминува времето правејќи го она што никој друг не го прави – бара исчезнати луѓе кои светот престанал да ги бара. Кога полицијата се откажува, кога јавноста заборава, кога медиумите престануваат да обрнуваат внимание, тогаш Френки почнува да бара. Нов случај ја води во бостонско соседство со лоша репутација. Ја бара Анжелик, тинејџерка со потекло од Хаити, која исчезнала од своето средно училиште пред неколку месеци. Отпорот на бостонската полициска станица и семејството на жртвата ѝ даваат до знаење дека е препуштена сама на себе . Но ништо нема да ја спречи да ја открие вистината, па макар тоа значело следната исчезната личност да биде лично таа.
Сите опуштосени места (Џон Бојн) 1946 година. Три години по катаклизмичниот настан кој им ги разнишува животите од корен, мајка и ќерка бегаат во Париз со куфери полни срам и страв, не знаејќи колку е всушност тешко да му се побегне на минатото. Речиси осумдесет години подоцна, Гретел живее живот кој е далеку од нејзиното трауматично детство; мирен и удобен, и покрај нејзиното мрачно и вознемирувачко минато. Таа не зборува за бегството од нацистичка Германија, не зборува за тешките повоени години во Франција, но најважно, не зборува за татко ѝ, командант на еден од најозлогласените логори на Рајхот. Кога во нејзината зграда во Лондон се вселува нов пар, појавувањето на нивниот деветгодишен син Хенри ѝ враќа спомени кои повеќе би сакала да останат закопани. Но посилно е од неа, па Гретел се спријателува со момчето. Една вечер, таа е сведок на вознемирувачка, насилна расправија помеѓу прекрасната мајка на Хенри и неговиот арогантен татко. Соочена со изборот помеѓу сопствената безбедност и неговата, Гретел се враќа на слични крстопати како многу одамна. За да му помогне на момчето, треба да ги открие тајните кои ги чува целиот свој живот. Но овој пат може да донесе поинаква одлука од претходно – без оглед на цената која ќе треба да ја плати за храброста…