Рецепт за убав ден на Верица Митева
Денешниот рецепт за убав ден со вас го споделува авторката Верица Митева.
Како голем љубител на кафе (во зима и на чај), не можам да го замислам почетокот на денот без него. Бидејќи најчесто на работа деновите ми се хаотични мора барем едно кафе во текот на денот да испијам сама и во апсолутна тишина и уживам во тоа. Исто така, многу сакам убави шолји за кафе и постојано ги купувам.
Иако се сметам себеси за интроверт и уживам во времето поминато сама, сепак се трудам да им посветам време и на пријателите. Денот не ми поминува без да прочитам барем неколку страници, а некогаш знам да прочитам и цела книга доколку обврските ми дозволуваат. Пишувам само во моментите кога чувствувам дека имам инспирација и енергија.
По една, за мене тешка година, во последно време секојдневно знам да се заблагодарам затоа што сум здрава и жива и некако сѐ повеќе го ценам секој миг кој ми е даден на земјата и забележав дека одеднаш многу работи престанаа да ме повредуваат, да ме болат, почнав да ги прифаќам и добрите и лошите ситуации со многу поголема смиреност, па затоа ќе кажам дека секој ден е добар доколку сме благодарни.