Уметност сместена среде природна убавина
Нека ваквите места бидат ваша честа дестинација за релаксација. Посетувајте ги секогаш кога сте во можност за да го одморите умот од секојдневниот стрес.
На околу 3км северно од Крива Паланка, во прегратките на живописната шума на Осоговските Планини, се наоѓа манастирот посветен на пустиножителот и чудотворец Св. Јоаким Осоговски. Вгнезден во Осоговските планини, среде густа шума, со векови ги покажува својата светост, духовност, ументост, убавина и архитектура. Преубавиот манастир е важен верски, културен и просветен центар. Св. Јоаким Осоговски живеел во пештера близу сегашниот манастир, во месноста Бабин Дол. Исто така наречен е и Сарандопорски, според областа Сарандопор, што значи четириесет долови. Овој огромен манастирски комплекс опфаќа два храма: голема манастирска црква Св. Јоаким Осоговски и мала манастирска црвка Св. Богородица. Во комплексот се наоѓаат и главниот трикатен конак, камбанаријата каде што е просторијата со коски од монаси, туристичка зграда, летната бавча и летната кујна, стражарницата, новиот конак и резиденцијата на епархискиот архијереј. Во манастирот биле вљубени Стеван Дечански и султанот Мехмед Втори.
Сегашниот храм се градел во период од 1847 до 1851 година. Прекрасната трикорабна базилика е со дванаесет куполи, седум мали и пет поголеми. Десно од влезната порта се наоѓа гробот со моштите на Св. Јоаким Осоговски. Фреските започнале да ги работат познатите зографи Аврам Дичов, Мирон Илиев и Григорие Петровиќ. Подоцна работата му била препуштена на Димитар Андонов Папрадишки. Впечатливи се композицијата Проповед на Свети Павле во која е претставена кривопаланечката народна носија, како и портретот на Св. Јоаким Осоговски над влезната порта. Во овој манастир според преданието, во 19 век престојувал и творел македонскиот преродбеник, свештеник и учител Јоаким Крчовски.