КариераУбави совети
Зошто си дадов отказ?
Кога на моите најблиски им кажав дека планирам да си дадам отказ, помислија дека сум луда. Па, се давало ли отказ од работно место каде земаш натпросечна плата? Па, зар мислиш ли дека ќе најдеш друга работа? Па, ова, па, она… Ме затрупаа со мудри мисли, ме убедуваа да се премислам. Ми зборуваа дека ова не е Америка. Ама, ете, упорната јас одлучи!
Имав и силни причини за мојата одлука.
- Мојата шефица беше одвратна. Мислеше дека сосем е нормално да ми се јави во десет навечер и да замара за нешто што се случило пред три дена. Мислеше дека да останеш на работа до седум навечер е нормална работа. Сметаше дека сите треба да сме потчинети и да правиме се што таа ќе каже, без да имаме право на сопствено мислење. Секогаш беше подготвена да критикува, никогаш да пофали. Затоа што цел ден пиеше кафиња и земаше плата седум пати поголема од мојата!
- Морав да го почитувам дрес кодот кој подразбираше носење на сако и на -20 и на +40 степени додека климата во канцеларија си играше мајтап со нас и престануваше да работи кога најмногу ни требаше.
- Да, вистина е дека земав солидна плата, но таа плата ми излегуваше низ нос, што би рекле бидејќи никој во неа не ги премсета моите нерви и фактот што работев некогаш повеќе и од 13 часа на ден и што немав ниту еден ден слободен. За годишен одмор не ни стануваше збор.
- Затоа што јас не смеев да се омажам, а камоли да имам дете, бидејќи во тој случај договорот ќе ми беше откажан!
- Сите околу мене имаа свои проблеми кои ги попречуваа да сработат нешто, како на пример мало дете или болен татко, само јас не смеев да имам проблеми. Оти мене се требаше да ми биде совршено, како дома, така и на работа.
Ете затоа си дадов отказ. Затоа што ниту една плата на светов нема да ми ги врати нервите и здравјето. Затоа што додека бев на работа, станав асоцијален тип кој се дере на секого и не поднесува критика. Затоа што експлодирав! Затоа што дозволив некој друг да ги лечи комплексите на мене!