Зошто ни се доктори кога имаме интернет?
Членка сум на неколку Facebook групи и неколку форуми. И искрено, неколку пати досега се имам згрозено, уплашено, испаничено.
Се чудам како тоа сите таму да знаат се за медицината, ги знаат сите дијагнози и терапии… Се чудам како си дозволуваат да бидат поголеми доктори од докторите?Запрепастена сум од начинот на кој делите стручни совети. Препорачувате таблетки за контрацепција како да се работи за бонбони, се натпреварувате која е подобра лекарка и која ќе препорача подобра комбинација на лекови. Страшно! Страшно! Премногу страшно!
Се фрапирам од вашите народни лекови, вадење на шлајм со пердув од гуска, мачкање на интимните делови со разни масла и што уште не. Се фрапирам од тоа што се дрзнувате да продавате лекови. Кога доктор препишува лек, тој ви е препишан ВАМ, не на вашите пријателки на Facebook. Секој организам е различен и не секоја таблетка делува исто кај сите, затоа што не се пеперминт бонбони за освежување на здивот.
Јас не сфаќам зошто се лечите на интернет кога имате матичен лекар кај кого прегледот ви е бесплатен? Не сфаќам зошто мачкате се и сешто што ќе видите на интернет и голтате разни теблетки затоа што и помогнале на некоја рандом жена која искоментирала на вашиот пост…
Па, ало, барате препорака за вашето здравје. Не е ова препорака за книга, па ај ако не е добра ќе ја оставам. Докторите потрошиле години, труд, напори за да се образуваат, да стекнат искуство и вие туку-така ги заменувате со интернет каде секој може да напише ама баш што сака?
Да не ми се налутите, кој како сака. Јас сепак го почитувам повеќе мислењето на мојот доктор отколку на Google и на Facebook корисниците.