Предлог книги за убав ден
За денес одбравме три интересни и супер возбудливи книги кои ќе го задржат вашето внимание, книги кои вредат да бидат прочитани.
Семејство (Луиз Џенсен) Лора е скршена по ненадејната смрт на нејзиниот сопруг. Борејќи се да се справи емоционално и финансиски, Лора е благодарна кога локална заедница, „Оук лиф органикс“, и нудат дом нејзе и на нејзината 17-годишна ќерка Тили. Но, додека Лора и Тили се адаптираат на животот со нивното ново „семејство“, почнуваат да се случуваат опасни работи. Кога еден од заедницата умира под сомнителни околности, Лора сака да замине, но Тили, привлечена од харизматичниот лидер, Алекс, одбива да си оди. Очајно барајќи начин да ја спаси својата ќерка, Лора открива застрашувачка тајна, но Алекс и неговото семејство не се единствените што кријат нешто. Како што Лора копа во нивното минато, така тие копаат во нејзиното и таа ја открива застрашувачката причина поради која ги поканиле неа и Тили и зошто никогаш нема да им дозволат да заминат…
Писатели и љубовници (Лили Кинг) Скршена поради ненадејната смрт на нејзината мајка и уништена по последната љубовна врска, Кејси Пибоди, летото 1997 година, стигнува во Масачусетс без никаков план. Нејзиното поштенско сандаче е преполно со покани за свадби и последни известувања од наплатувачи на долгови. Поранешното чудо од дете за голф, сега работи како келнерка во ресторан на плоштадот Харвард и живее во изнајмена мувлосана соба во која работи на својот роман што го пишува шест години. На 31 година, Кејси сè уште се држи за нешто од кое речиси сите нејзини пријатели се откажале: посветеноста да има креативен живот. Кога во исто време ќе се вљуби во двајца сосем различни мажи, нејзиниот свет се крши на уште поситни парчиња. Кејси се бори да ги исполни нејзините креативни амбиции и да балансира меѓу спротивставените барања на животот и уметноста, на начини што ја туркаат до работ. „Писатели и љубовници“ ја следи Кејси – паметна и ранлива протагонистка – во последните денови од младоста, период кога секој сегмент од нејзиниот живот е во криза. Напишан со хумор, срце и интелигенција, карактеристични за стилот на Лили Кинг, овој исклучителен роман го истражува застрашувачкиот и возбудлив скок помеѓу крајот на една фаза од животот и почетокот на друга.
Океј сум! Помагајте! Прирачник за несовршени жени (Анабел Ривкин, Емили Мекмикан) Оваа книга дава свеж поглед на моќта и потенцијалот на жените: духовити, дигитално писмени и исклучително неспокојни. Идејата потекнува од колумната насловена како „Будалеста зрелост“ од која подоцна Ривкин и Мекмикан ја развија истоимената интернет-страница за да го променат имиџот на средната доба, како контраудар на угнетувањето базирано на вежби, рецепти и сосредоточеност на шпоретот. Значи, ова е книга полна со совети како да се води „несовршен живот“. Опсегот на теми со кои се занимаваат тие е голем – од кариерата до мајчинството, од сите сеќавања и искуства што си ги собрала до грешките што си ги правела, оние поради кои жалиш и оние на кои си благодарна, од држењето диети и диктатот како треба да изгледаш до конечното ослободување. Ова не е прирачник за тоа како да живееш и што да правиш, главната порака е: не сме совршени, но тоа е океј. Животот и не е толку лош кога знаеш дека и другите се во истиот сос.