Од васУбави муабети

Во мене немир, кај тебе исполнувања… Во мене бури, кај тебе разведрувања…

Ја погледнав водата, си ја видов рефлексијата.
Лице изморено
оставено,
заборавено…
И те побарав како кога дете си ја бара играчката,
со подадени раце,
со чисто срце,
со измиена душа…
Ја заматив чистотата
па те снема,
подалеку од погледот,
некаде надвор од дофатот…
Во мене немир,
кај тебе исполнувања.
Во мене бури,
кај тебе разведрувања.

И страв ми проструи низ коските…
Како промаја во заборавена куќичка,
како празни исчекувања,
бакнежи без чувства,
допири без волшебни доживувања…

Па изустив- Љубов, каде си?!
-Во тебе! ми одговори.

Градиве си ги отварав.
Да излезеш,
да ме погалиш,
да ме воскреснеш…
Те немаше.

Да беше најтемна ноќ,
ќе се препуштев во мрак да ме однесеш,
да беше сончева светлина,
ќе се соблечев со зрак да ме огрееш…
Те немаше.

Ја допрев водата да ме измие,
ја отворив душата за да дознаеш.
Сакав да те допрам,
да издишам љубов и во најтемните делови од пеколот,
па и демоните да се заљубат…
Како што те сакам јас тебе- без граници, со сѐ мое.

Ја допрев водата, ја предизвикав судбината,
Во водата твоја рефлексија.
Во моите раце само капки.
А ти пред мене…единствена вистина.

Маја Спасовска

Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button