6 намирници кои треба да ги јадете во текот на зимата за да го зголемите внесот на витамин Д
Храната богата со витамин Д го зајакнува имунитетот, го подобрува расположението и е неопходна во секое време, особено во есен и зима.
Како што знаеме, главниот извор на витамин Д е сончевата светлина, а во текот на есенските и зимските денови токму тоа ни недостасува. Затоа доаѓа познатиот „зимски блуз“. За да се спречи тоа, потребно е во дневното мени да се вклучи храна која во изобилство го содржи овој витамин.
Освен што го зајакнува имунитетот и го подобрува расположението, витаминот Д го намалува ризикот од некои автоимуни болести, ги штити нервите и мускулите. Некои студии покажаа дека го намалува ризикот од некои видови рак. Симптомите на недостаток на витамин Д во организмот се индивидуални. Освен болка и грчеви во мускулите, луѓето доживуваат замор, слабост и промени во расположението. Сепак, многумина немаат никакви симптоми.
И како да внесеме доволно витамин Д? Со исхрана, секако!
Сина риба
Сините риби како лососот, пастрмката и скушата ни обезбедуваат 100% од дневните потреби за витамин Д. Други свежи риби кои го содржат овој витамин се сом, крап, сабјарка како и морските плодови.
Конзервирана риба
Харингата, сардините и туната исто така содржат витамин Д и секако се попристапна опција од горенаведените видови риби. Сепак, конзервираната риба содржи и метил жива, отров кој се наоѓа во рибата, затоа не јадете ваков вид риба повеќе од два пати неделно!
Печурки
Доколку не сакате риба или сте веган, можете да консумирате витамин Д во форма на печурки.
Јајца
Јајцата се исто така добар извор на витамин Д, но овој витамин се наоѓа исклучиво во жолчката!
Млеко
Кравјото млеко содржи доволно количество на витамин Д, но доколку сте веган, овој витамин се додава и во алтернативните опции како млеко од соја, бадем или овес. Проверете го пакувањето.
Јогурт
Шолја од овој пијалок содржи околу 20% од дневните потреби за витамин Д, а наместо јогурт, веганската варијанта е тофу.