Долго живеам на ова место
Долго живеам на ова место
под кое шуркаат планински извори
и децата ловат пеперуги
а боровите во нема извишеност,
ја разлистуваат тишината на вековите.
Долго живеам на ова место
и полека црнеам од времето.
Гледај, велам, гледај каков си:
ни да се препознаеш.
Некогаш овие очи беа длабочини
во кои се нуркаа твоите желби
како жерави во сончевина,
а сега се само две суводолици
за ноќевање на случајните дождови.
Некогаш овие раце беа орачи
во ровката земја на твоите лутања,
а сега личат на врбови прачки
неродници чаталести над водите.
Некогаш, велам, и ти како децата
си играше со пеперуги в рака
а од нивниот златен прав
цутеа вишните во твојата градина.
Зошто беше толку невнимателен
па допушти сите да загинат меѓу твоите прсти,
зошто не сфати дека е најголема мудрост
да имаш една жива пеперуга од твоето детство,
една топла ѕвезда на дланката
една топла ѕвезда на дланката
што ќе го просветли ова место
ова место каде долго живееше осамен
долго живееше поцрнет од времето.
Ацо Шопов