Поезија за убав ден
Тажачка од онаа страна на животот
Се искачив над врвот од болот.
Човек сум.А што е човек?
Пред мене празнина,зад мене празнина.
Празнина што сама се пали.
Од онаа страна на животот
жив распнат со слепи јазли.
Се искачив над врвот од болот.
Тој ден.Црнден.По црни скали.
Се искачив над врвот од болот.
Од онаа страна на животот
од онаа страна на себе си,
на се неизговорено,
се што е недогорено,
од онаа страна на водата,
од онаа страна на врутокот,
од онаа страна на коренот.
Стопи се грутко, истечи водо,
прелеј се чашо лелејска
за сите градови во овој град,
за сите црнини во оваа црнина.
Кажете кого да обвинувам.
Кого да жалам, кажете!
О дете што те нема-
мојата црнина твоја прегрнина.
Мојата црнина твоја прегрнина,
твојата темнина моја подземина.
Земјо олелио, земјо пустелио,
Од мртов плач израсната
земјо обѕрни се, земјо разгрни се.
Земи ја оваа зеница
земи ја оваа пшеница
на твоја дланка згасната.
Земи ме, земјо, или врати ме,
врати ме подолу од овој врв,
подолу од онаа страна на животот,
човечки сили дај ми пак.
О земјо, на земја врати ме.
човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
на некој мост во некој лак.
Ацо Шопов