Рецепт за убав ден на Слаѓан Бишковски
Неговата прва книга “Плачот на срната” се најде во “Топ три книги за млади” во 2020 година. Читнете кој е неговиот рецепт за убав ден.
Мојот рецепт за убав ден се состои од: пловење по страниците на некоја книга, уживање во некој добар филм, лебдење заедно со стиховите од некоја песна, време поминато со најблиските… Тоа се оние мигови што ми ја хранат душата, ми го растреперуваат срцето, ми го греат целото битие. Се’ е во едноставноста; само еден пријателски совет може да го направи денот подобар, еден поглед да го разубави, а една искрена насмевка да внесе заслепувачки сјај во темните агли на животот. Секогаш да бидеме љубезни и несебични кон другите, да ја сакаме и да се грижиме за природата, за животните, за оние на кои што им е потребна помош. Да не дозволиме да бидеме контролирани од предметите, зашто тие имаат најголема моќ врз нас – да не бидеме робови на навиките. Да не помине ден, а да не бидеме насмеани – бидејќи насмевката е најубавиот украс што човек може да го носи на себе. Секој ден е убав без разлика на околностите; секој ден да го заслепуваме светот со нашата добродушност што треба да блика од нас како непресушен извор. Да шириме топлина и нека огнот на љубовта никогаш не згасне, затоа што само љубовта има моќ и сила да го направи светот подобро место за живеење.